Светското првенство во 2026 година само што почна и веќе е во центарот на контроверзии. Причината не е фудбалот, туку рекордно високите цени на билетите, кои предизвикаа лавина реакции кај навивачите ширум светот.

Во споредба со Мундијалот во Катар во 2022 година, цените се зголемени повеќекратно. Најевтиниот билет за финалниот натпревар на стадионот во Њујорк/Њу Џерси чини 2.030 долари, додека најскапиот достигнува 6.370 долари. За споредба, најевтиниот билет за финалето во Катар чинеше само 206 долари, што значи дека цените сега се речиси десет пати повисоки.

Високи се и цените за натпреварите од групната фаза. Додека во Катар билетите се продаваа по цени од 11 до 220 долари, за Мундијалот 2026 просечната цена изнесува околу 400 долари.

Ниту отворањето на турнирот не е поштедено од поскапувањата. Билетите за првиот натпревар започнуваат од 560 долари, а за најдобрите места достигнуваат и до 2.735 долари.

Една од главните причини за огромниот пораст на цените е новиот систем на динамично одредување на цените што за првпат го воведе ФИФА. Според овој модел, цената на билетите се менува во зависност од побарувачката, слично како кај авионските карти или концертите на најголемите музички ѕвезди.

Токму оваа практика предизвика најмногу критики. Навивачките организации тврдат дека системот е нетранспарентен и дека на многу љубители на фудбалот им е оневозможен фер пристап до билетите.

Незадоволството стигна и до институциите. Генералните обвинители на државите Њујорк и Њу Џерси отворија истрага за продажбата на билетите за натпреварите што ќе се играат на стадионот каде што ќе се одржи финалето. Предмет на проверка се наводите дека купувачите можеби биле доведени во заблуда во врска со локацијата на седиштата и категориите на билетите по промените во мапите на стадионот.

Така, додека најдобрите светски фудбалери се подготвуваат за спектаклот во САД, Канада и Мексико, голем дел од навивачите се прашуваат дали најголемиот спортски настан на планетата постепено станува привилегија само за оние со најдлабок џеб.

 

ИЗДВОЕНИ