четврток, јуни 4, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Можеше ли Македонија да го избегне нафтениот ценовен удар со навремени мерки?

Можеше ли Македонија да го избегне нафтениот ценовен удар со навремени мерки?

Дали можеше Македонија да го избегне нафтениот ценовен удар ако реагираше државата навреме? Додека земјите во регионот и во Европа воведоа итни мерки за да го ублажат поскапувањето на нафтените деривати – од замрзнување на цените до намалување на даноците и користење на државните резерви, во Македонија засега нема конкретна интервенција. Иако растот на цените беше очекуван, властите сметаат дека нема услови за кризна состојба, бидејќи, според премиерот Христијан Мицкоски, земјава има доволно гориво, а цените и понатаму се меѓу најниските во регионот. Експертите предупредуваат треба да се запре дека растот на цените на нафтените деривати, бидејќи, во спротивно, може дополнително да ја зголеми инфлацијата, а партиите предлагаат мерки по скокот на цените на горивата

1162

Дали можеше Македонија да го избегне нафтениот ценовен удар ако преземеше државата мерки навреме? И покрај тоа што зголемувањето на цените на нафтените деривати беше очекувано, ниту една држава не беше целосно подготвена да одговори на вакво сценарио. Земјите во регионот и пошироко во Европа презедоа мерки да се заштитат од нафтениот шок: забрана за извозот, замрзнување на цените на нафтата и на нафтените деривати, намалување на акцизата и ДДВ, активирање на државните резерви…. Кај нас сè уште нема мерки, а премиерот Христијан Мицкоски смета дека нема услови за прогласување кризна состојба, бидејќи земјава има доволно гориво и цените на горивата, и покрај зголемувањето, се најниски во регионот.

– Како држава, имаме убедливо најниска цена на нафтата и тоа во моментот, можеби, е добро од еден аспект, но, од друг аспект, во дел од пограничните општини и особено на бензинските пумпи во пограничните општини се создава притисок од соседството, бидејќи голем број од граѓаните од соседството доаѓаат да точат дизел-гориво посебно. И затоа се случува да снема гориво на некои бензински пумпи побргу од тоа што е очекувано. Но, тоа брзо се надоместува. Државниот пазарен инспекторат е континуирано на терен. Нема прекини во снабдувањето, но ако се има предвид, еве да речеме ако е кај нас, по нивелирањето на цената вчера од страна на Регулаторната комисија за енергетика, дизел-горивото литар 1,39 евроценти. Да речеме, во соседна Албанија е 1,79, евроценти литар, односно е 30 % поскапо и логично е да имаме притисок во западниот дел од државата. Исто така, во Србија е, да речеме, 1,73 евроценти, што е приближно за 25 % поскапо од она што е во Македонија. Во Косово, варира цената, но достигнува до 1,52-1,53 евроценти, што е некаде околу 15 %. Во Грција, 1,59 евроценти, односно во Косово е некаде околу 10 %, а во Грција 15 %. Во Бугарија, 1,41. Така што во регионот, во моментот, како што кажавме, граѓаните во Македонија имаат најниска цена за дизел-горивото, а слична е цената и со бензинот 95 октани и 98 октани – изјави Мицкоски.

Тој рече дека се очекува притисок периодов што следува, но смирува дека државата има доволно количини и дека во моментот нема опасности од каков било недостиг.

– Ние, како Влада, продолжуваме да ја следиме состојбата. Можеби, условно кажано, е добра вест што утринава, од она што можев да го видам, и брентот и другите продукти на светските берзи се во опаѓање. Ако пред два дена го достигнаа пикот од 120 долара за барел, вчера веќе се тргуваа за некаде 90-ина долари за барел. Ја следиме состојбата многу внимателно и во зависност од развојот на настаните, така и ќе реагираме – изјави Мицкоски.

Експертите предупредуваат дека ако не се запрат цените на дериватите, инфлацијата ќе расте

Сепак, економистите и енергетските експерти се на ставот дека се потребни мерки, бидејќи во криза подоцна се гледаат ефектите од преземените потези и никој не знае колку ќе трае војната.

Aкадемик Абдулменаф Беџети смета дека зголемувањето на цените на нафтените деривати било очекувано и дека можела државата порано да реагира преку активирање на државните резерви.

– Ова е првиот „инпут“ во покачувањето на цените на енергенсите. Се знаеше дека ќе дојде до ова со оглед на тоа дека Иран е третиот најголем производител на нафта и обезбедува 20 милиони барели дневно. Со затворањето на Ормутскиот Теснец,се нарушија синџирите на снабдување, бидејќи оттука доаѓаше и нафтата од Обединетите Арапски Емирати, кои се вториот најголем производител на нафта и на нафтени деривати во светот. Друга работа е што нафтата учествува во секој сегмент на производството и може да повлече зголемување на цените на сите производи – изјави Беџети за весникот ВЕЧЕР.

Тој смета дека државата можела да спречи нафтен шок доколку ги активирала државните резерви, а, според информациите, сме имале за 60 дена. Сега е веќе доцна, бидејќи последните три дена цената на нафтата и се качи над 100 долари за барел.

– Цените на нафтата се качија за 15 денари за литар, што е голем удар за нашите граѓани. На бензинските пумпи, два-три дена пред да се зголемат цените, немаш дизел, тоа е шпекулативно однесување на нафтените компании. Тие си го направија своето, поради тоа не вреди сега да се повикуваме на нивното етичко однесување, бидејќи секој си ја гледа својата корист. Доколку потрае војната, „импактот“ ќе биде многу поширок, односно ќе поскапат „инпутите“ во земјоделството, индустријата, туризмот, а крајниот ефект ќе биде зголемена инфлација – смета Беџети.

Тој не смета дека замрзнувањето на цените на нафтените деривати е добра мерка, бидејќи набавната цена се менува секој ден. Откако почна војната, за 10 дена се зголеми цената на нафтата за 50 отсто, од 72 на 100 долари за барел. Ние не можеме да ги замрзнеме цените на нафтените деривати, бидејќи немаме домашно производство, но може да ги контролираме цените на основните суровини, транспортот…

– Глобалната економија стана повеќе отпорна на вакви кризи, но и ние досега покажавме дека може да се избориме со ковид-кризата, енергетската криза, војната во Украина… Доколку биде посветена, државата може да ги амортизира последиците и од оваа војната и да ја оствари стапката на проектираниот економски раст од 3,5 отсто – вели Беџети.

Според енергетскиот експерт Константин Димитров, кога е криза, криза е за сите, и за граѓаните, и за компаниите, и за државата. Граѓаните ќе трошат помалку или ќе плаќаат повеќе за нафтените деривати, исто е и со компаниите.

– Беше очекувано цените на енергенсите да се покачат, а државите требаше да се подготват за тоа. Кај нас, државата има на располагање две работи преку кои може да реагира, едната е преку активирање на државните резерви, а другата е преку намалување на акцизите, ДДВ, давачките за екологија… На тој начин ќе ги заштитеше граѓаните од ценовен шок, бидејќи доколку се трошат граѓаните, се осиромашува државата – изјави Димитров за весникот ВЕЧЕР.

Тој смета дека Владата мора да им излезе во пресрет на граѓаните и да преземе некоја од мерките што ѝ стојат на располагање. Според него, со оглед на тоа што некои земји од регионот забранија извоз на нафта и на нафтени деривати, ќе биде проблем од каде да увеземе и тогаш треба да ги активираме државните резерви.

Државните нафтени резерви се чуваат во случај да нема гориво. Ако дојде до застој во снабдувањето со гориво, тогаш треба да се активираат државните резерви.

Некои од експертите деновиве реагираа на промената во правилникот за формирање на највисоката цена на нафтените деривати. Наместо секојдневно да се пресметува, цената на горивата сега ќе се пресметува еднаш неделно. Кога растеа цените, бензините и дизелот беа со пониска цена, а сега, кога паднаа цените на берзите, нашите цени ќе останат на повисоко ниво.

Партиите предлагаат мерки по скокот на цените на горивата

По растот на цените на горивата, сè поголемо е стравувањето дека ќе следува ново поскапување и на струјата и на храната. Опозициските партии веќе ги презентираа своите предлози за ублажување на последиците од кризата предизвикана од воените дејства на Блискиот Исток.

Лидерот на СДСМ, Венко Филипче, ја обвини власта дека не презема мерки против растот на цените. Тој предложи намалување на ДДВ за горивата од сегашните 18 отсто на 5 отсто, намалување на акцизата за 4 денари и воведување нула проценти ДДВ за основните прехранбени производи.

– Предлагаме намалување на стапката на ДДВ при промет на сите енергенси: дизел, безоловен бензин, гасно масло, течен нафтен гас и метан. Намалувањето на акцизата директно ќе влијае на поевтинувањето на горивата, а нула ДДВ за храната ќе помогне да се амортизира евентуалниот ценовен шок – изјави Филипче.

Тој додаде дека цената на нафтата на светските берзи расте веќе еден месец и дека достигнала 60 % повисоки нивоа, додека, според него, Владата не презела ниту една мерка за заштита на граѓаните.

Либералнодемократската партија реагира на последната одлука на Регулаторната комисија за енергетика (РКЕ), која донесе ново поскапување на горивата. Од партијата бараат итно намалување на акцизата за увозот на горива и воведување дополнителни мерки и субвенции.

– Не изненадува одлуката на РКЕ со оглед на воените случувања во Иран и регионот. Изненадува тоа што Владата повторно дејствува неподготвено, иако пред само десет дена уверуваше дека нема опасност – стои во соопштението.

Од ВМРО-ДПМНЕ реагираа дека дел од мерките што ги предлага Филипче биле предложени од нив уште во 2022 година, кога биле опозиција.

– Филипче предлага мерки што ги предложивме ние пред години. Механизмот за намалување на акцизата беше воведен по наш притисок – се наведува во соопштението на партијата.

Тие потсетуваат дека истата влада на СДСМ во минатото го зголемила ДДВ за повеќе прехранбени производи, а сега бара намалување.

Регулаторната комисија за енергетика ги зголеми цените на горивата – дизелот за 14,5 денари за литар, а бензините за 5 денари за литар, додека цените на нафтата вчера паднаа за дури 10 отсто.

(А. С.)

 

 

ИЗДВОЕНИ