„Облаците се за птици, не се за луѓе. Вон сцената бидете приземни и љубезни, а на сцената најважното нешто на светот е публиката – само поради неа постоиме. Почитувана публико низ цела Македонија, длабоко, длабоко Ви се поклонувам.” Вака, популарниот македонски поп-пејач и композитор Дарио Панковски се заблагодари на специјалната награда за „Трајни музички вредности“ што ја доби на годинешната „Златна бубамара“. Неговите безвременски хитови „Жена за сто години“, „Ладна како камен“, „Дупла вотка“,„Косоока“, „Здравје боже“, „Мајко моја роди ме“, „Која ли си ти“ , „Добрите девојки“, „Таа мала Маја“ од неговите почетоци на музичката сцена и уште многу други, се само потврда за трајниот печат кој на македонската поп-естрада го остави во изминативе четири децении. Важи за една од ѕвездите кои се свесни за својата величина, секогаш тип-топ дотеран, стабилен и достоинствен, а неговата најбројна публика се жените. Токму затоа наш избор за интервју, во чест на Денот на жената, 8 Март, е токму тој. Со Дарио искрено зборуваме на многу теми, а за читателките на весникот ВЕЧЕР открива дека негова вистинска инспирација се токму жените
Дуле МИЌИЌ
Да тргнеме од наградата што ја доби на „Златна бубамара“ на популарноста“, колку таа ти дава дополнителна мотивација за една уште поголема тура на идни потенцијални успеси и хитови, концерти, во твојата и богата музичка кариера?
-„’Златната бубамара’ е една убава забавно-музичка манифестација на која луѓето доаѓаат да се насмеат и релаксираат и им благодарам за наградата, но искрено, секако дека таа не е пресудната мотивација за мене понатаму. Вистинската мотивација е мојот непресушен ентузијазам во комбинација со мојата веќе оформена визија за иднината на мојата кариера со нови концерти и потенцијални хитовски песни.
Интересно е тоа што на доделувањето на наградата, особена благодарност им ја упати на новинарите… колку новинарите и медиумите имаат важна улога во Твојата кариера?
– Новинарите и медиумите секогаш имале важна улога во мојата кариера, но и во кариерата на секој уметник, што е многу нормално бидејќи, едноставно, ние сме поврзани едни со други. Во глобала, во текот на годините сум имал среќа да соработувам со професионални новинарски имиња и медиуми и да имам преубави искуства со сите нив, затоа им благодарам. Постоеле и непријатни, па и смешни искуства со неедуцирани и неподготвени новинари, со тотално непознавање на областа, или, пак, премлади новинари, без никакво искуство и ориентација што да прашаат. Најлоши се оние кои се тенденциозно пакосни и безобразни со намера да нанесат штета. За жал, ете постојат и такви „новинари“, но за нивна среќа, работата никогаш не стигнала до стадиум на тужба!
Се зборува дека си суетен, умислен, пргав или таквите карактеристики често ти ги лепи конкуренцијата, која и покрај сите сопки за сите овие години не ти е дорасната? И кое е твоето мислење за екс ју-ѕвездите, чија популарност сè уште трае и на нашите простори, како на пример: Здравко Чолиќ, Тереза Кесовија, Јосипа Лисац, Лепа Брена, Бисера Велетанлиќ, Бајага, Габи Новак, Неда Украден, Маја Оџаклиевска…
– Сите овие наведени епитети се претпоставувам само недипломатски назив за моите перфекционизам, педантност, професионализам, самодоверба и гордост, по кои не дозволувам никој да гази, па поради тоа некој може да ги формулира и на тој начин. За уметници кои имаат успешна кариера 40, 50, па и повеќе години нема потеба да се дискутира. На таквите безвременски луѓе кои ги даваша за пример, без размислување и без разлика на кој жанр од музиката припаѓаат, може само да им се поклониш и долго да им ракоплескаш.
Што и да испееше за овие години на кариерата стана хит, дури и евергрин. Која е твојата инспирација, како се прави нова песна, дали треба некоја специјална случка за да се роди текстот или за да се има хит потребна е едноставност, да е певливо без некои мудрувања, а сепак издржано? Или рефренот ја „повлекува“ песната?
-Добро прашање и одлична крајна констатација. Инспирацијата може да дојде на многу различни начини, индиректно од некоја случка настрана, директно од лично искуство, реплика од некој филм или стих од песна. Понекогаш дури и во сон, но затоа некогаш, едноставно, се случува да немам инспирација многу долг период, а јас без инспирација не можам да пишувам со сила. Всушност, мојата вистинска инспирација е жената!!!
Инаку, секогаш без исклучок прво правам музика, потоа го пишувам текстот и ги оставам да одлежат, како добро вино. Но да, точно е дека за хит честопати навистина не се потребни претерано многу мудрувања. Рефренот е дефинитивно оној фамозниот дел кој буквално ја „повлекува“ песната. Сепак, генерално, денес веќе не постои никакво правило за тоа што ќе стане вистински хит. Воопшто, во музиката песните се слушаат, ама дали се хитовски? Како некогаш, оние кои и денес ги слушаме, кои ни се залепени при срцето и кои станаа евергрини.
Знам како се стигнува до вистинската цел, до срцето на публиката
Речиси секој пејач има песна по која се препознава. Која песна би била таа по која би се препознало името на Дарио Панковски, или има повеќе такви песни? И зошто денес постои криза на добри песни кои ќе станат хитови, дали е тука вината во интернетот?
-Фала богу, јас не сум од оние изведувачи кои ги препознаваат само по една песна во нивната кариера. Туку по многу повеќе песни. Поради тоа сум еден од многу, многу ретките кај нас, кој може да си дозволи да одржи авторски концерт од два часа со исклучиво сопствени познати песни, што ме прави посебно горд. Кризата за хитови денес е најверојатно до времето во кое живееме, тотално неинспиративно, преоптоварено со безброј проблеми, политички, економски, еколошки, егзистенционални итн, итн. А, интернетот покрај сите свои добри страни, доведе до авторска некреативност, копирање и „штанцање“ песни како на фабричка лента, а што експресно се создава, експресно и трае.
Познат си покрај доброто пеење, моќниот глас и по добриот стас, на овие години а, рака на срце, долго време важиш за највкусно облечен машки пејач во Македонија? Кој е задолжен за твојот стил, ти самиот или последниот збор, сепак, го има твојата сопруга? Каков си како семеен човек, што ти создава нервози, каков си како сопруг, татко, како ти започнува денот…, на кое море ова лето ќе се релаксираш?
-Благодарам на комплиментите, но искрен да бидам јас не сум најдобриот вокал со некој специјално моќен глас. Затоа сум исклучително солиден, точен и функционален вокал и знам на интелигентен начин да го извлечам максимумот од тоа, да стигнам до вистинската цел, а тоа е срцето на публиката! Што се однесува до стасот, за тоа е заслужен мојот начин на живот, и во овие години сум максимално физички активен, строго без цигари, кафе и алкохол. За стајлингот генерално сум задолжен лично јас, секако со голема доза на сугестии од ќерката и од сопругата. Во приватниот живот отсекогаш сум бил исклучително семеен човек, внимателен сопруг и нежен татко.
Инаку, денот редовно ми започнува со природен сок, овесна каша со многу овошје и утринско лесно вежбање, а потоа или велосипед или пешачење во природа. Одмор и море годинава? Тоа ќе зависи од моите летни работни ангажмани. Не знам кога и на кое море, но едно е сигурно дека јас и сопругата ќе бидеме сами на некоја убава морска плажа.Тоа е вистинскиот летен одмор.
Што мислиш за нашето повторно неучество на Песна на Евровизија, и колку го следиш тој фестивал, дали таму воопшто има нови хитови, по примерот на групата АББА или Евровизија стана само сценски театар? Имаш ли желба да застанеш на евровизиската сцена?
-Мислам дека нашето неучеството на Евровизија е единствената паметна одлука што можела да се донесе. Тоа веќе одамна не е фестивал на музиката, туку манифестација на некои извитоперени квази вредности, без вистински големи хитови кои остануваат. Зошто тогаш и јас би имал желба да учествувам во таква маскарада? Единствено нешто на кое симнувам капа се спектакуларните визуелни сценски ефекти кои од година во година се сè пофасцинантни, па дури и нереални.
Дали ти пречат претерано честите гостувања, настапите и концертите на пејачите од Србија, Хрватска и Босна, во Македонија, како и на оние вистинското странство (Ерос Рамацоти, Брајан Адамс, Џипси кинг…), кои притоа и мрсно заработуваат, додека хонорарите на македонските пејачи се, благо кажано, смешни во однос на нивните?
-Нема зошто да ми пречат тие концерти, луѓето си пеат во Македонија затоа што нашата публика очигледно тоа го сака и го бара, и тоа е во ред. Ми пречи единствено тоа што за концертите на странските изведувачи никогаш ништо не е скапо, а кога се работи за домашни изведувачи се фрлаат дрвја и камења, иако цената на билетите е најмалку двојно или тројно пониска. Никогаш не научивме и нема да научиме да си го почитуваме домашното во која било област… за жал, тоа е така. Што се однесува пак до хонорарите, моите хонорари се можеби пониски од оние од соседството. И воопшто не се смешни за овие наши македонски услови. Не дозволувам никакво потценување и секогаш држам до себе по секоја цена!