Шефовите на Меѓународната агенција за енергија, Меѓународниот монетарен фонд (ММФ), Светската банка и Светската трговска организација (СТО) предупредија дека војната на Блискиот Исток претставува ризик за снабдувањето со гориво во текот на летото, доколку снабдувањето со нафта преку Ормускиот теснец не се врати во нормала.
Глобалните институции соопштија дека војната меѓу САД и Израел против Иран ја нарушила трговијата, ги потресла финансиските пазари и предизвикала загриженост за глобалните снабдување со енергија, особено преку Ормускиот теснец, клучен пат за испорака на нафта и гас, објави „Ројтерс“.
Во заедничката изјава се вели дека глобалната економија останува отпорна, но дека последиците од конфликтот на Блискиот Исток непропорционално ги погодуваат посиромашните земји преку повисоки цени на горивото и ѓубривата, зголемена неизвесност и ризици за работните места. Се додава дека раководителите на овие институции се состанале вчера за да разговараат за тоа како треба да одговорат на економското влијание на војната.
„Доколку протокот на превоз не се врати во нормала, континуираното брзо намалување на глобалните залихи на нафта пред врвот на летната побарувачка за нафта на Северната хемисфера би претставувало зголемен ризик за безбедноста на горивото, пазарните услови и пошироката економска отпорност“, се вели во заедничката изјава.
Претседателот на САД, Доналд Трамп, изјави дека денес ќе донесе одлука за потенцијален договор со Иран за продолжување на прекинот на огнот, кој би морал да вклучува отворање на Ормутскиот теснец и демонтирање на нуклеарните капацитети на Техеран, но состанокот заврши без одлука, според медиумските извештаи, пренесува „Танјуг“.












