Американскиот ММА-бореач Тим Минс се најде во центар на сериозен скандал откако беше уапсен под обвинение за злоупотреба на дете. Четириесет и двегодишниот борач во велтер-категорија бил приведен, а неколку часа потоа и пуштен на слобода, а истрагата продолжува.
Случајот привлече големо внимание во американската јавност, особено поради долгогодишната кариера на Минс во ММА-спортот. Тој има 52 професионални борби, значаен дел од нив во УФЦ, каде што важеше за искусен и издржлив натпреварувач.
Според официјални документи од округот Берналиљо, инцидентот произлегол од семејна расправија меѓу борачот и неговата 17-годишна ќерка. Таа тврди дека била физички нападната, удирана по главата и по лицето и зграпчена за вратот.
Локалниот весник „Албакерки журнал“ објави дека девојчето имало видливи повреди, меѓу кои црвенило на лицето и траги на вратот, што, според извештаите, укажува на можен физички напад.
Од друга страна, телевизијата КОАТ пренесе дека Минс признал дека имало конфликт, но негира дека намерно ја нападнал ќерка си. Тој тврди дека употребил сила исклучиво во самоодбрана откако таа наводно се обидела прва да го удри.
Иако во моментов е на слобода, против него ќе се води судска постапка во која ќе се утврдат сите околности и евентуалната вина. Постои можност неговата ќерка да ја повлече тужбата, што дополнително ја усложнува ситуацијата.
Без разлика на исходот, овој случај веќе остави дамка врз репутацијата на искусниот борач. Јавноста со внимание ќе го следи развојот на настаните, а надлежните институции ќе го имаат последниот збор.











