вторник, јуни 9, 2026
Дома LIFE Младите волонтери од Гевгелија докажаа дека промените почнуваат од доброто дело

Младите волонтери од Гевгелија докажаа дека промените почнуваат од доброто дело

Мали проекти, големи срца

0

Преку излегување од својата комфорна зона за да станат подобра верзија од самите себе, младите волонтери од општина Гевгелија не само што ги променија своето секојдневие и својата рутина туку и направија големи промени во заедницата и во животот на голем број луѓе. Овие млади се вистински амбасадори и лидери на својата генерација, пример што треба да се следи. Тие се оние што треба да ги славиме, поддржуваме и чии дела треба гласно да ги истакнуваме

Програмата Црвен крст во Акција – Промоција на хумани вредности” (ЦКА-ПХВ) е проект кој веќе 30 години континуирано се имплементира во нашава земја од страна на Црвениот крст на Република Македонија. Идејата за овој проект беше инициран уште во 1996 година од страна на републичкиот Црвен крст и Меѓународниот комитет на Црвениот крст (МКЦК), со поддршка на Норвешкиот Црвен крст. Проектот претставува домашен производ создаден во хармонија со локалните обичаи и културни норми, и постојано надградуван согласно со потребите кои ќе се појавуваат на теренот, а се спроведува преку општинските организации на Црвениот крст.

Преку овој проект, младите волонтери стекнуваат соодветна едукација за препознавање на потребите на заедницата, изработка на проекти и самостојно организирана практика на терен, преку директна помош на ранливото население. Секоја година, од 1000 до 1200 млади луѓе и потенцијални волонтери годишно ја поминуваат ЦКА-ПХВ основната обука на територија на цела Македонија. Од страна на мотивираните волонтери, годишно се изработуваат помеѓу 120 и 200 мали проекти за просперитет на заедницата и директна помош на ранливото население. Мали проекти со големо значење за заедницата, проекти што во секој сегмент им помагаат на оние на кои им е најпотребна помош во заедницата во која живеат ПХВ-младинците. Годинава, на територијата на Македонија се изработени 195 мали проекти, рекорден број проекти во изминатите 10 години, а преку кои се очекува дека повеќе од 3.000 наши сограѓани добиле помош.

Црвениот крст на Република Македонија – Општинска организација Гевгелија, и оваа година, во периодот јануари – мај 2026 година активно се вклучи во спроведувањето на националната програма на националната ЦКА-ПХВ. Вкупно 31 младинец од Гевгелија, Богданци и Дојран, на возраст од 14 – 17 години, поделени во 5 тимови, изработуваа мали проекти кои имаа различни цели за помош на оние на кои им е најпотребно. Младинците, преку планирање, обезбедување ресурси и подготовки, реализираа активности и настани за различни целни групи, со цел мобилизација на заедницата и обезбедување на потребната поддршка, материјални и финансиски ресурси. Тие сами приготвуваа храна и освежување – пуканки, колачи, пити, овошни салати и природни сокови, организираа хуманитарни базари, донаторски акции, хуманитарни изложби и работилници, вложуваа време, енергија и труд во остварување на зацртаните цели, информираа за весникот ВЕЧЕР од Црвениот крст Гевгелија.

„Оваа година, ја имам честа да бидам дисеминатор на годинашниот циклус, кој ми овозможи да работам со нови мотивирани млади кои се подготвени да прават промени за подобро општество. Оваа година, Општинската oрганизација на Црвен крст – Гевгелија е претставена од триесетина млади кои се поделени во 5 групи и активно учествуваат во изработување на своите проекти. Нашите млади се неуморни и не застануваат тука, продолжуваат активно да работат. Сето ова не би било успешно без поддршката од претседателот на Општинската организација на Црвен крст – Гевгелија, д-р Боне Стеваноски  и секретарот Лазар Мешков“ – вели Наташа Смилкова.

„Од петте реализирани проекти“, продолжи Смилкова, „четири беа акција во заедница, со хуманитарна цел, а еден проект беше интеркултурна акција, за промоција на традицијата, културата и обичаите, како и на соживотот на територијата на која дејствуваат младинците. Едниот од проектите имаше за цел адаптација, опремување и уредување на центар за престој на лица со интелектуална попреченост, преку кој корисниците, нивните родители и семејства, личните асистенти, ќе можат полесно и поефикасно да ги реализираат своите активности. Вториот изврши опремување и функционално уредување на домот на осамено лице од третата доба, при што преку проектот беше уредена трпезаријата со нов мебел (маса и столови), подобрена функционалноста на кујната со нови уреди како шпорет, а беше набавен и нов бојлер за топла вода. Третиот имаше за цел да пружи помош и поддршка на средношколец, матурант во средното училиште за безгрижно прославување на матурската вечер како важен симбол на младиот живот, при што со собраните средства беше обезбедена облека за матурската вечер. Четвртиот проект беше наменет за едно петчлено семејство во тешки социо-економски услови, за кое со собраните средства беше набавена нова машина за перење на алишта, со што се олесни нивното секојдневие и одржување на хигиена. Петтиот проект ги обедини културата, обичаите и традицијата во заедницата, преку креативни работилници за младите беше промовиран соживотот и нулта толеранција кон дискриминацијата, а преку собирање поезија и проза од локалното население, беше изработена и промовирана збирка поезија и проза, која ќе остане како траен спомен на заложбата на младите“, истакна Смилкова.

Преку излегување од својата комфорна зона за да станат подобра верзија од самите себе, младите волонтери од општина Гевгелија не само што го променија своето секојдневие и рутина туку и направија големи промени во заедницата и во животот на голем број луѓе. Овие млади се вистински амбасадори и лидери на својата генерација, пример што треба да се следи. Тие се оние што треба да ги славиме, поддржуваме и чии дела треба гласно да ги истакнуваме. (Љ. А.)

ИЗДВОЕНИ