понеделник, септември 14, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА НАЈАВЕНА ОДЛУКА ЗА ОСПОРЕНИТЕ ОДРЕДБИ: Ќе ги реактивира ли Уставниот суд преговорите...

НАЈАВЕНА ОДЛУКА ЗА ОСПОРЕНИТЕ ОДРЕДБИ: Ќе ги реактивира ли Уставниот суд преговорите околу Изборниот законик?

1

Промените во Изборниот законик се блокирани со месеци, но уставните судии наскоро би можеле да ги натераат власта и опозицијата одново да седнат на заедничка маса за да постигнат некаков договор. Вакво сценарио на случувањата се наметнува откако дојде најава од Уставниот суд дека на првата седница по летната пауза ќе се гласа за предметот во кој се оспорени неколкуте одредби од Изборниот законик кои се однесуваат на државното финансирање на изборните кампањи на политичките партии. На седницата на 23. септември, осумте членови на оваа судска инстанца ќе донесат одлука дали формулираните одредби се спорни и согласно на тоа дали и натаму треба да постојат во изборното законодавство.

– Рефератот беше разгледуван на дневен ред на 20. седница на Судот, одржана на 16 јули 2026 година. Предлогот на судијата известител не го доби потребното мнозинство гласови. Предметот е во фаза на гласање – објави Судот во својата најава за овој случај.

Познато е, партиите Левица и Демократи оспорија повеќе одредби од членови 75-ѓ, 76-д и 78-а од Изборниот законик бидејќи сметаат дека тие прават дискриминација меѓу партиите кои учествуваат на изборите. Односно, дека не се обезбедува еднаков третман на сите политички субјекти бидејќи, според сегашните решенија, двете најголеми партии од позиција и опозиција добиваат најмногу време, на штета на останатите помали партии.

– Четирите најголеми партии, по две од власта и две од опозицијата, добиваат привилегиран пристап до медиумите и државните средства, а останатите парламентарни партии се наполно исклучени. Оспорените одредби ги нарушуваат политичкиот плурализам и слободните демократски избори како темелни вредности на Уставот – се наведува во иницијативата.

Во јули, уставните судии се обидоа да се изјаснат дали да се поведе постапка за оценка на уставноста. Но, тогаш, предлогот за нејзино поведување што го даде судијата –известител Осман Кадриу, не можеше да добие мнозинство од пет гласа, потребно за донесувањето на одлуките. На седницата присуствуваа седуммина судии, колку што тогаш изнесуваше составот на Судот. Сега, од неодамна, составот е проширен со уште еден новоизбрана судијка – Мери Георгиевска-Дика. Со тоа, се чини, во Уставниот суд се проценило дека може да се обезбеди соодветно мнозинство за прифаќање на иницијативата или, пак, за нејзино отфрлање.

Евентуалното прифаќање на иницијативата ќе значи и најверојатно идно носење одлука за укинување на спорните одредби и потребата да се предвидат нови услови за државно финансирање на партиските кампањи. Во македонското Собрание веќе постои предлог за промени на овие спорни одредби, но и други во Изборниот законик. Но, на предлогот на група пратеници категорично се спротивставија опозициските СДСМ и Левица, кои предизвикаа и блокада во изгласувањето на промените во Законикот во парламентот. Спорни се прашањата на електронското гласање на дијаспората, условите за независните кандидати, државното финансирање на изборните кампањи и билбордите, како и воведувањето на една изборна единица. Така, во случај на укинувањето на оспорените одредби од страна на уставните судии, партиите ќе треба да седнат да се договорат околу државното финансирање на изборните кампањи. Исто како и во случај на одбивањето на иницијативата на двете партии бидејќи тогаш во сила ќе останат одредбите кои на последните избори оневозможија партиите како ЗНАМ и Левица да добијат државни финансии за водење на изборните активности. (Б. Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ