На социјалните мрежи беше објавено видео на кое се гледа млада девојка качена на заштитната ограда кај делот со мајмуните во Скопската зоолошка градина.

На видеото објавено на социјалните мрежи може да се забележи како една од вработените во зоолошката градина ја фаќа девојката за раката во обид да ја симне од ѕитчето на кое е качена, со цел да се избегне потенцијално опасна ситуација и вознемирување на животните.

Во објавата на социјалните мрежи, Стефан Кирков, член на Советот на Град Скопје, реагира на, како што наведува, честото непочитување на правилата од страна на посетителите.

– И покрај сите препораки, табли со натписи за тоа да не се хранат и вознемируваат животните, во „Скопје ЗОО“ постојано сме сведоци на непочитување на протоколите од страна на посетителите – напиша Кирков на „Фејсбук“.

Тој додава дека недостасуваат култура, едукација, редари, видео надзор, како и санкционирање на сите кои не го почитуваат протоколот.

– Родители, наставници, учители, професори и медиуми за јавно информирање… едукација! – порачува Кирков.

 

 

ИЗДВОЕНИ