Речиси секој петти од 266 анкетирани здравствени работници во последната година бил лично вклучен, му било понудено или сведочел на коруптивен чин меѓу пациент и здравствен работник, покажува истражувањето на Здружението ЕСЕ. Најмногу мито се бара или нуди во терцијарното здравство, одговориле 28 % од испрашаните. Пациентите најчесто даваат пари или ваучери како подароци за да не чекаат на долгите листи на „Мој термин“ и побрзо да дојдат до операција, породување или специјалистички преглед. Околу 34 % од испрашаните здравствени работници сметаат дека мито најчесто бараат докторите специјалисти, додека речиси 50 % велат дека иницијативата најчесто доаѓа од пациентите, кои нудат пари или подароци за да дојдат побрзо на ред.
„Најизразена и најпрепознатлива форма е директното примање пари, што го наведуваат речиси три четвртини од испитаниците (74,6 %) кои лично биле вклучени или сведочеле на коруптивен чин (59 испитаници). Овој податок укажува дека отворените парични трансакции и понатаму имаат централно место во коруптивните практики во здравството. Речиси половина од испитаниците (45,8 %) укажуваат на примање подароци или ваучери договорени пред извршување на услугата, како и на упатување на пациентите од страна на здравствените работници услугата да ја добијат во приватни термини. Овие појави укажуваат на постепена нормализација на корупцијата, каде што злоупотребата на професионалната позиција често се прикрива зад привидно прифатливи или вообичаени практики, како што е, на пример, упатување на приватен термин за „да се добие побрзо услугата“. Дополнително, околу една третина од испитаниците пријавуваат препорачување конкретни лекови, лаборатории или аптеки поради лична корист, како и неформални плаќања за услуги кои формално треба да бидат бесплатни, што директно го нарушува принципот на еднаков пристап до здравствена заштита“, заклучува истражувањето на невладината ЕСЕ за корупција во здравството.
Истражувањето покажува дека најчеста причина за корупција во здравството е желбата пациентите побрзо да стигнат до специјалистички преглед или до важни дијагностички испитувања, како магнетна резонанција, компјутерска томографија или биопсија. Ова го навеле речиси половина од испитаниците (50 %). Дополнителни 30 % проценти рекле дека корупцијата се користи за да се добие побрзо болнички кревет или термин за операција. Тоа значи дека во речиси осум од десет случаи (80 %) мито или врски се користат за да се прескокнат листите на чекање и побрзо да се стигне до лекување.
Поклончиња најмногу се нудат и примаат при изборот на гинеколог и акушер за пораѓање, епидурални анестезии, закажување на царски рез.
„Испитаниците најчесто ги посочуваат токму ситуациите поврзани со закажувањето царски рез без јасна медицинска индикација, како и избор на лекар или медицински тим при породување, како клучни точки каде коруптивните барања се најчести. Оваа конзистентност меѓу одговорите укажува дека овие сегменти претставуваат зони со највисок ризик за појава на неформални плаќања“, заклучуваат од здружението ЕСЕ и нагласуваат дека царскиот рез без медицинска причина може да биде голем здравствен проблем кај мајките.
Многу малку од вработените во јавното и приватното здравство би пријавиле мито и корупција бидејќи не веруваат дека нешто ќе се промени, помал дел кажале дека не сакаат да се замерат на работа со колегите. Решение гледаат во заштита на пријавувачите и поголеми контроли и казни.
Коруптивни практики се пријавуваат и во односите меѓу самите здравствени работници. Еден од пет испитаници (20 %) навел дека слушнал или сведочел на барање поткуп за специјализација, унапредување, раководна функција или учество на семинари и конгреси.
„Значајно место има и нормализацијата на корупцијата, односно перцепцијата дека „сите тоа го прават“ (49 %). Ова укажува на култура на прифатливост на коруптивните практики во одредени здравствени установи. Ниските плати и финансискиот притисок (46 %), како и алчноста (42 %), се препознаени како важни индивидуални мотивациски фактори, додека притисокот од надредените (24 %) укажува на постоење на хиерархиски механизми кои можат активно да го поттикнат коруптивното однесување во здравствените установи“, се нотира во истражувањето.
Истражувањето предупредува дека сексторцијата – односно злоупотребата на службената положба за барање сексуални услуги наместо пари – не смее да се игнорира како појава во здравството. Речиси една петтина (19 %) од анкетираните здравствени работници изјавиле дека имаат директни или индиректни сознанија за случаи во кои од пациентка или пациент биле побарани, сугерирани или очекувани интимни услуги во замена за здравствена услуга или издавање документ. Дополнително, 16 % од испитаниците навеле дека во гинеколошко-акушерските услуги слушнале или сведочеле на недолични коментари со сексуална содржина, недозволен физички контакт под превез на медицински преглед или барање интимна средба во замена за побрз преглед или породување. Истражувањето посочува дека особено ранливи се пациентките од руралните средини, кои поради ограничениот пристап до здравствени услуги и зависноста од поединечни лекари се изложени на поголем ризик од вакви злоупотреби. (П. А.)












