Познатата турска актерка Дениз Чакир (43) се најде меѓу лицата приведени во голема полициска акција во Истанбул, која предизвика големо внимание во јавноста.
Ѕвездата на серијата „Сулејман Величествениот“ е приведена заедно со уште неколку познати личности, а истрагата се однесува на сомнежи за поседување и набавка на наркотични средства, нивно консумирање, како и кривични дела поврзани со проституција.
Обвинителството во Истанбул покрена обемна истрага и издаде налози за приведување на вкупно 35 лица. До средата наутро, полицијата привела повеќе од 20 осомничени, меѓу кои и познати имиња од турската телевизија и јавниот живот.
Истражителите дошле до нови сознанија преку анализа на запленетите мобилни телефони и други дигитални уреди. Според пишувањето на весникот „Дејли Сабах“, важен дел од доказите наводно биле обезбедени и од тајни сведоци и доверливи извори.
View this post on Instagram
Сите приведени лица морале да поминат лекарски преглед и тестирање за присуство на наркотични средства пред да бидат изведени пред судија.
Турските медиуми објавија и снимки од доаѓањето на Дениз Чакир на задолжителниот здравствен преглед, во придружба на полицијата. Актерката носела кафеава кожна јакна и очила за сонце, а по скалите се симнувала со наведната глава.
Обвинителството засега не објавило конкретни информации за тоа што точно ѝ се става на товар на актерката.
Меѓу приведените се и популарниот пејач и актер Озџан Дениз, како и актерката Бурџу Озберк, која исто така глумела во серијата „Сулејман Величествениот“.
Истрагата опфатила и лица од бизнис-секторот и медиумскиот свет. Меѓу осомничените се најде и претприемачот Ибрахим Изет Озилхан, како и телевизиските водители Мурат Џејлан и Мурат Башоглу.












