петок, август 14, 2026
Дома ЕКОНОМИЈА Министерот Николоски најавува решенија, регионот се заканува со нови блокади

Министерот Николоски најавува решенија, регионот се заканува со нови блокади

0

Македонските превозници да не подлегнуваат на „пропаганда“ што, главно, доаѓа од Србија, во услови кога превозниците од земјите од Западен Балкан повторно предупредуваат дека би можеле да ги блокираат граничните премини кон земјите од Шенген-зоната. Ова го изјави министерот за транспорт, Александар Николоски, кој претходно рече дека Владата веќе има постигнато билатерални договори со Романија, Хрватска и со Швајцарија за долгорочни Шенген-визи за професионалните превозници. Во исто време, според него, се разговара и со Унгарија, Австрија и со Германија за дополнителни решенија.

Изјавите доаѓаат во период на зголемен притисок од транспортниот сектор во регионот, кој бара од Европската Унија да го реши проблемот со ограничувањето на престојот на професионалните возачи на најмногу 90 дена во период од 180 дена. За превозниците, ова не е само административен проблем туку и директно прашање од кое зависи нивната способност да ги одржуваат редовните транспортни линии кон европските пазари.

Претседателот на Здружението на превозници на Црна Гора, Ѓорѓије Љешњак, изјави за весникот „Дан“ дека на регионален состанок во Скопје, на кој учествувале превозници од Црна Гора, Северна Македонија, Србија и од Босна и Херцеговина, бил поставен рок до 1 септември за да има конкретен напредок во разговорите со Европската Унија.

Доколку не се понуди решение до тој рок, превозниците најавуваат нови протести и блокади на граничните премини кон Европската Унија. Според Љешњак, одлуката за понатамошни активности би се разгледувала по конференцијата на земјите од Шенген, на која се очекува да се разговара за визијата на ЕУ во однос на визното прашање.

Особено е значајно што не се сведува проблемот само на примената на системот EES. Превозниците посочуваат дека со години се соочуваат и со други административни и финансиски пречки – од доцнењето на повратот на ДДВ и прашањето за акцизите за гориво до долгите царински и инспекциски процедури на граничните премини.

Љешњак тврди дека не се почитува ниту законскиот рок од 60 дена за поврат на ДДВ, а не било реализирано ниту ланското ветување за продолжување на работното време на фитосанитарните инспекции на граничните премини.

Според процените што ги изнесува тој, само во Црна Гора меѓу 150 и 200 превозници во моментов не можат нормално да ја организираат својата работа поради ограничувањата поврзани со Шенген. Тоа покажува дека прашањето има поширока регионална димензија и не може да се третира исклучиво како проблем на една држава.

Во меѓувреме, Љешњак ги отфрла тврдењата дека Србија ги поттикнува превозниците од Црна Гора, Северна Македонија и од Босна и Херцеговина да организираат блокади. Со тоа, спорот добива и политичка димензија, особено по изјавите на Николоски дека македонските превозници треба да бидат внимателни кон информациите и притисоците што доаѓаат од регионот.

Суштината, сепак, останува економска. За превозниците, секој дополнителен ден поминат во административни процедури, чекање на граница или ограничување на можноста за престој во Шенген-зоната значи повисоки трошоци и нарушување на транспортниот процес.

Токму затоа рокот до 1 септември може да биде важен тест и за владите во регионот и за Европската Унија. Доколку не биде понудено одржливо решение за професионалните возачи, заканата со нови блокади би можела повторно да ги претвори граничните премини на Западен Балкан во точки на сериозен политички и економски притисок.

ИЗДВОЕНИ