понеделник, септември 14, 2026
Дома СВЕТ Министер возел со фрапантни 3,5 промили алкохол во крвта

Министер возел со фрапантни 3,5 промили алкохол во крвта

0

Министерот за труд и социјална политика на Латвија, Реинис Узулниекс, е разрешен од должноста поради управување автомобил во пијана состојба, објави латвискиот јавен сервис LSM. Според информациите на Латвиската телевизија, полицијата го уапсила Узулниекс додека управувал автомобил под дејство на алкохол. Нивото на алкохол во неговата крв изнесувало 3,5 промили.

Премиерот Андрис Кулбергс издаде налог за разрешување на Узулниекс од функцијата министер за труд и социјална политика. За вршител на должноста министер е поставен Улдис Аугулис. Узулниекс ја извршуваше функцијата министер за труд и социјална политика од мај 2026 година во владата на Андрис Кулбергс.

Истражувачот и предавач по општествени науки на Ришкиот универзитет „Страдинш“, Роман Гагунов, оцени дека станува збор за сериозен случај кој отвора поширока дебата за проблемите со консумирањето алкохол меѓу државните функционери.

„Ако тоа го направи и министер, тогаш тоа покажува дека и во политичките кругови имаме проблеми со алкохолизмот“, рече Гагунов, додавајќи дека ова не е прв случај на проблем со употребата на алкохол меѓу функционерите, пренесува „Политика“.

Тој оцени дека случајот би можел да влијае врз рејтингот на Сојузот на зелените и земјоделците неколку недели пред парламентарните избори. Според неговите зборови, поради тоа партијата реагираше проактивно со повлекувањето на Узулниекс од министерската функција и неговото исклучување од партијата.

Узулниекс е прв на изборната листа на Сојузот на зелените и земјоделците во Земгале за парламентарните избори што ќе се одржат во октомври. Тој во 2014 година стана шеф на кабинетот на тогашниот министер за труд и социјална политика Улдис Аугулис, а подоцна беше парламентарен секретар во тоа министерство. На истата функција се врати во 2023 година, додека во 2025 година стана министер за труд и социјална политика во владата на премиерката Евика Силиња, на местото на Аугулис кој претходно беше сменет.

Во мај 2026 година Узулниекс повторно беше именуван за министер за труд и социјална политика во владата на Андрис Кулбергс.

Измените на Кривичниот законик на Латвија, кои стапија на сила во ноември 2022 година, предвидуваат кривична одговорност за управување со возило или обука на друго лице за возење доколку концентрацијата на алкохол во издишаниот воздух или крвта преминува 1,5 промили. За такво кривично дело е предвидена казна затвор до една година, пробациски надзор и одземање на возачката дозвола на пет години. За возење во тешка пијана состојба предвидена е и конфискација на имот, односно на возилото.

ИЗДВОЕНИ