Летовите на аеродромот во Катанија, Сицилија, денес повторно беа прекинати поради пепелта од вулканот Етна – највисокиот и најактивниот вулкан во Европа – кој веќе предизвика пречки во работата на аеродромот пред еден месец, соопшти операторот на аеродромот.
Сите летови за пристигнување на аеродромот – петтиот најпрометен во Италија според патничкиот сообраќај – моментално се суспендирани до 22:00 часот, наведе операторот, а пренесе „Ројтерс“.
Летовите на аеродромот во Катанија денес беа прекинати поради силна ерупција на лава и пепел од кратерот на вулканот Етна, при што се создаде вулкански облак со висина од околу четири километри.
Националниот институт за геофизика и вулканологија издаде црвено предупредување за воздушниот сообраќај; осум летови кон Катанија беа откажани, додека 24 беа пренасочени кон аеродромите во Комизо, Палермо, Трапани и Бари, објави порталот Ilsole24ore, пренесе „Танјуг“.












