Општина Центар ги почна градежните активности за реконструкција на дел од улицата „8 Март“ во Дебар Маало, со која е предвидено формирање мини плоштад со површина од околу 140 квадратни метри. Новото урбано катче ќе биде поплочено со травертин, материјал што обезбедува висок квалитет, издржливост и современ естетски изглед.
На локацијата е предвидено поставување урбана опрема, современо осветлување и ново зеленило. На влезната точка што води кон уличката, ќе биде изведена и пристапна рампа, со што ќе се овозможи непречено и безбедно движење за лицата со попреченост, како и за сите граѓани што користат помагала за движење.
– Во план е да има повеќе мини паркови и плоштади низ Општината. Целта е да го зголемиме зеленилото и да создадеме пријатни катчиња за одмор и рекреација – истакна градоначалникот на Општина Центар, Горан Герасимовски.
Тој најави дека по уредувањето на улицата „8 Март“, се планираат мини маалски плоштади на улиците „Коста Веселинов“, „Коле Неделковски“ и „Христо Смирненски“.
Паралелно со овој проект, Општина Центар продолжува и со хортикултурното уредување на потегот од Зеленото пазарче до улицата „Македонија“ и со реконструкцијата на вториот дел од улицата „Ленинова“ и улицата „Мирослав Крлежа“.












