Главни „виновници“ за овој голем успех, покрај играчите, секако, е нивниот тренер Никола Филипов-Коки, единствениот фудбалер од Гевгелија што играл во Купот на европските шампиони, со екипата на Вардар, а е носител на УЕФА фудбалска лиценца.
– Горд сум на младите фудбалери, кои со голема дисциплина и со посветени тренинзи ги извршуваа сите мои замисли, што на крајот ни го донесе овој заеднички успех. Посакувам да продолжат и во иднина, со ваков елан, да тренираат и да работат на своето усовршување, со што ќе постигнуваат добри резултати и во кадетската Суперлига. Во нив ги гледам идните првотимци на ФК „Кожуф“, кои ќе им донесат многу радосни моменти на сите навивачи на нашиот клуб – изјави Филипов

ФК „Кожуф“ од Гевгелија е еден од најстарите фудбалски клубови во Македонија. Формиран е во 1922 година и има богата историја. Досега, најголемиот успех го има постигнато во сезоната 1993/1994 година, кога стана првак во Втората македонска фудбалска лига и се здоби со правото да се натпреварува во Првата фудбалска лига, наредната сезона, под името Кожуф Винојуг. Моментално се натпреварува во Втората македонска лига, со променлив успех.
Но, дека Гевгелија не треба да се грижи за својата фудбалска иднина, покажува големиот успех, оваа натпреварувачка сезона, на кадетската екипа на ФК „Кожуф“. Минатата година го освоија првото место во Третата кадетска фудбалска лига, но оваа година отидоа чекор напред. Со импресивни игри, со неверојатен скор од 24 победи, едно реми и само два порази, со 115 постигнати гола и со само 20 примени гола на 27 натпревари, овие млади надежи и идни првотимци на „Кожуф“ станаа шампиони во Втората македонска кадетска фудбалска лига. Зад себе, на второлигашката табела ги оставија екипите на Победа од Прилеп, ССК и КУЛ од Скопје, Силекс од Кратово, Беласица од Струмица, Куманово, Ренова од Тетово, Шкендија од Арачиново и Детонит од Радовиш.
Главни „виновници“ за овој голем успех, покрај играчите, секако, е нивниот тренер Никола Филипов-Коки, единствениот фудбалер од Гевгелија што играл во Купот на европските шампиони, со екипата на Вардар, а е носител на УЕФА фудбалска лиценца.
– Горд сум на младите фудбалери, кои со голема дисциплина и со посветени тренинзи ги извршуваа сите мои замисли, што на крајот ни го донесе овој заеднички успех. Посакувам да продолжат и во иднина, со ваков елан, да тренираат и да работат на своето усовршување, со што ќе постигнуваат добри резултати и во кадетската Суперлига. Во нив ги гледам идните првотимци на ФК „Кожуф“, кои ќе им донесат многу радосни моменти на сите навивачи на нашиот клуб – изјави Филипов.
Филипов веќе седум години работи со сите помлади категории на гевгелискиот клуб, а последните три ги тренира кадетите, со кои оваа година го постигна овој голем успех. Капитенот на оваа екипа и втор стрелец со 26 постигнати гола е Илија Паласкаров:
-Среќен сум што од есен ќе се натпреваруваме со најдобрите кадети во Македонската суперлига. До ова стигнавме со многу труд, вложена енергија и со редовни тренинзи. Ќе продолжам со тренинзите со исто темпо и во наредната сезона, што ќе ми овозможи да напредувам во мојата кариера.
Прв стрелец на екипата е Теодор Пешевски, кој постигна 29 гола на 27 натпревари:
– Беше навистина тешко, но со многу труд, напорни тренинзи и со дисциплина, ја постигнавме саканата цел. Влеговме во Суперлигата и очекувам со повеќе работа и тренирање да постигнеме добри резултати, како за клубот така и за нашите навивачи, за сите нас.
За кадетскиот тим на ФК „Кожуф“, освен овие двајца, настапуваа и: Тодор Петков, Јордан Брљамов, Томе Јанев, Филип Рековиќ, Филип Диневски, Живко Ѓоргиевски, Димитар Пеев, Јован Мачуков, Филип Цуклев, Мартин Мелков, Илија Кованцалиев, Александар Чурлинов, Димитар Дуев и Аврам и Бојан Боеви. Честитки за сите нив, а ние да им посакаме исто вака успешно да го претставуваат клубот и градот и во Суперкадетската лига, кога ќе играат со екипи како што се Вардар, Пелистер, Работнички, Македонија ЃП, Охрид, Тиквеш, Брера и други.
Пехарот за освоеното прво место, на малата свеченост на градскиот стадион во Гевгелија, им го врачи координаторот на „Кожуф“, Трајче Ников, кој ја води фудбалската школа на ФК „Кожуф“. Во клубот тренираат над 130 деца, почнувајќи од генерацијата 2007 година, па сè до најмалите „петлиња“ родени во 2018 година, за кои се вели дека се иднината на ФК „Кожуф“.
(Љ. A.)












