Eкипите на Јавното претпријатие „Комунална хигиена“, минатата недела отстраниле 915 кубни метри непрописно одложен отпад од јавни и сообраќајни површини во сите скопски општини. Притоа, најголемо количество отпад од диви депонии бил подигнат во општината Центар, каде што биле расчистени вкупно 185 кубни метри непрописно одложен отпад.
– Екопатролата на ЈП „Комунална хигиена“, минатата недела, изготви 15 записници за лица и правни субјекти затечени при кршење на Законот за јавна чистота. Најголем број записници беа врачени на територијата на скопската општина Чаир – соопштија од претпријатието.
Оттаму додаваат дека продолжуваат да им ја нудат можноста на жителите на Скопје да го одложат својот кабаст отпад, во кој спаѓаат стариот мебел, електронските и електричните апарати, без плаќање паричен надоместок, во Центарот за селекција на отпадот во Карпош, секој ден во неделата, во терминот од 7:00 до 19:00 часот.
Доколку граѓаните имаат потреба ЈП „Комунална хигиена“ со специјални комунални возила да го преземе и транспортира кабастиот отпад од нивните домови, оваа услуга можат да ја нарачаат од понеделник до петок, во периодот од 7:00 до 15 часот, на телефонски броеви: 0800 222 33 и 3216644. Услугата се наплатува според однапред утврден ценовник објавен на веб-страницата на претпријатието.












