понеделник, јуни 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Милошоски: Левица не сака да го потпише предлогот од Левица за Изборниот...

Милошоски: Левица не сака да го потпише предлогот од Левица за Изборниот законик

133

Предлог измените на Изборниот законик ќе бидат поднесени до Собранието, со сите усогласени измени според препораките на ОДИХР, но без измените во членот 76-д кој се однесува до средствата за изборно рекламирање, објави денеска Антонијо Милошоски, пратеник на ВМРО-ДПМНЕ и член на работната група за реформа на изборното законодавство. Во објавата на неговиот профил на Фејсбук тој причината за ова ја лоцира во партијата Левица чии членови во работната група сега одбиваат да ги потпишат измените кои сами ги барале да бидат дел од новите законски одредби.

Во објавата Милошоски потсетува на цела генеза на договарањето на одредбата за распределбата на државните средства за изборно рекламирање на партиите.

-Тема која предизвика поголем интерес на работните средби беше членот 76-д, средства за изборно рекламирање, за кој ВМРО-ДПМНЕ даде предлог соодносот на бројот на пратеници да биде објективен критериум за користење на 97% од овие средства, а 3% да бидат на располагање на партиите кои немаат пратеници во Собранието. Две партии не се согласија со овој предлог и за истиот не се постигна консензус. Го прифативме тоа како реалност и продолживме прагматично да разговараме со цел да се дојде до консензус – напиша Милошоски.

Тој објаснува дека потоа на темата средства за изборно рекламирање со конкретни предлози и проценти излегоа ДУИ и Левица, при што на крајот сите други партии се согласија на компромисот кој произлезе од овие два предлози, а истиот гласеше: 42% за двете најголеми партии од позицијата, 42% за двете најголеми партии од опозицијата, 8% за партиите кои имаат пратенички групи, а не се меѓу четирите најголеми и 5% за партиите кои немаат пратенички групи и 3% за вонпарламентарните партии/ група избирачи.

-Левица како ко-предлагач на ова решение даде сериозен придонес во буџетската распределба на средствата. Прифаќањето на овој предлог беше нотирано во записникот на Министерството за правда. Но, иако беа ко-предлагачи на ова решение денес пратениците Крмов и Реџеп Исмаил известија дека нема да бидат потписници на предлог измените на Изборниот законик, иако на тоа се согласија и на лидерската средба и за време на состаноците на Работната група во министерството за правда. Поточно, побараа пратениците на ВМРО, ВЛЕН, ДУИ и ЗНАМ да го поднесат предлогот за измени на Изборниот законик, да го изгласаат, со напомена дека доколку Левица ги добие побараните пари за изборно рекламирање, ветуваат дека нема да го блокираат законот. Многу непринципиелно одбегнување да се превземе одговорноста за законски измени во чие подготвување учествуваше токму Левица – наведува Милошоски.

Тој додава дека предлог измените на Изборниот законик ќе бидат поднесени, со сите усогласени измени според препораките на ОДИХР, но без измените во членот 76-д.

-За овој член ќе биде оставена можност Левица да поднесе амандман според усогласениот компромис кој го предложија на Работната група и истиот ќе биде поддржан. Тоа што е договорено, чесно е да се испочитува, без разлика што ко-предлагач за распределбата на буџетските средства за рекламирање беше Левица. Не е коректно на работните средби да се бараат буџетски пари за рекламирање, а во јавноста да се глуми девственост и жртва на наводен заговор – објави Милошоски. (Б.Ѓ.)

ИЗДВОЕНИ