Премиерот Христијан Мицкоски денеска од Пелинце порача дека Македонија никогаш не победувала кога сме биле поделени, туку кога се обединувала околу голема цел, нагласувајќи дека така било во Крушево, на АСНОМ, така мора да биде и денес, бидејќи, како што рече, има работи кои се поголеми од секоја политичка партија, функција или сечиј мандат.
-Затоа денес сакам да кажам нешто што длабоко го чувствувам. Никогаш не сме победувала кога сме биле поделени. Македонија победувала кога знаела да се обедини околу голема цел. Така било во Крушево. Така било на АСНОМ. Така мора да биде и денес. Затоа што има работи што се поголеми од секоја политичка партија. Поголеми од секоја функција. Поголеми од секој мандат, од секој поединец. Тоа е нашата татковина. Тоа е домот што ни го оставиле генерациите пред нас и што ние сме должни да им го предадеме на генерациите по нас уште посилен, уште попросперитетен и уште подостоинствен – нагласи Мицкоски во обраќањето во Пелинце по повод одбележувањето на националниот празник 2 Август, Илинден – Денот на Републиката.
И токму нашата борба, продолжи премиерот, денес не е борба против некого, туку е борба за нешто, за држава во која институциите ќе бидат посилни од поединците, во која законот ќе биде посилен од привилегијата, во која знаењето ќе биде поважно од партиската книшка, успехот ќе биде резултат на труд, а не на врски, во која ќе владее правдата, а не стравот, во која секое дете ќе има причина да сонува, а секој родител причина да верува дека неговото дете има иднина токму овде.
-Тоа не е лесен пат. Но ниту еден Илинден не бил лесен. Ниту една голема победа во историјата не дошла без жртви, без трпение и без истрајност. Затоа нема да се откажеме. Немаме право да дозволиме омразата да стане поважна од љубовта кон татковината. Немаме право да дозволиме песимизмот да стане национална идеологија. Немаме право да дозволиме цинизмот да ја замени визијата. И најмалку од сè, немаме право да дозволиме некој да ја убие надежта кај народот – нагласи Мицкоски.
Премиерот потенцира дека надежта не е наивност, туку одлука да се продолжи и кога е тешко, да се верува и кога многумина се сомневаат.
-Одлука да создаваш и кога е полесно да рушиш. А нашата должност е еден ден и идните генерации со истата почит да зборуваат за времето во кое живееме ние. Да кажат дека тоа била генерацијата која повторно ја исправила Македонија. Генерацијата која повторно ја врати довербата, која не се исплашила од предизвиците, која не дозволила лагата да стане вистина, а разочарувањето да стане судбина – изјави тој.
Мицкоски рече дека и кога по многу години некој ќе праша што нè водело во овие времиња, сака одговорот да да биде љубовта кон Македонија.
-Не нè водеше стравот. Не нè водеше омразата. Не нè водеше желбата да бидеме поголеми од другите. Нè водеше љубовта кон Македонија. Нè водеше чувството на должност кон оние што ја создадоа оваа држава. Нè водеше одговорноста кон оние што ќе ја наследат. Затоа денес, од местото каде што одекнува гласот на историјата, да испратиме порака што ќе се слушне во секое македонско село, во секој град, во секој дом и во срцето на секој човек. Дека ќе останеме исправени кога е најтешко, ќе останеме обединети кога најмногу ќе се обидуваат да нè поделат, ќе останеме достоинствени кога ќе сакаат да нè понижат, ќе останеме непокорни кога ќе сакаат да нè поколебаат. И дека никогаш, никогаш нема да отстапиме од идеалите на Илинден и АСНОМ, затоа што тие не се само дел од нашето минато, туку се темелот врз кој ја градиме иднината на Македонија – истакна Мицкоски.
Тој со порака на овој ден со гордост, со вера и со длабоко чувство на одговорност, да си ветиме еден на друг дека ќе ја чуваме оваа држава, дека ќе работиме за неа, дека ќе ја оставиме посилна отколку што сме ја наследиле и дека секогаш ќе бидеме достојни наследници на илинденците.
-Нека живее вечниот дух на Илинден. Нека живее државотворната мисла на АСНОМ. Нека живее нашата единствена татковина – Македонија – истакна премерот во свото обраќање.












