Владата останува на проекцијата за економски пораст од над 3,5 проценти, а според премиерот Христијан Мицкоски, податоците за првиот квартал од годинава се показател дека македонскиот БДП е еден од најдобрите во Европа.
– Ние остануваме на оние проекции што ги имавме, дека ќе биде над 3,5 проценти. Имајќи предвид дека во првиот квартал остваривме реален пораст од 3,1 проценти, а со усогласени вредности 3,3 проценти, сезонски усогласени вредности 3,3 проценти, што во однос на бруто-домашниот производ претставува еден од најдобрите во Европа, во овој момент. Колку и да сакаат поединци да ја извртуваат вистината или сатирично да го пренесуваат сето тоа. Но за нив имам лоша вест, Македонија забрзува, Македонија победува и Македонија, како многу пати во историјата, ќе победи, рече Мицкоски.
Ребалансот на Буџетот, како што рече, ќе биде готов месецов.
Како што информираше премиерот, има десетици заинтересирани компании за дата-центри во државава, кои со законските измени за кои почна постапката во Собранието се изедначуваат со технолошко индустриските развојни зони.
– Имаме неколку десетици заинтересирани компании, разговараме и преговараме, секако ќе бидат избрани локации кои нема да имаат никакво влијание на животната средина – рече Мицкоски.












