Додека политичкиот врв се занимава со тоа кој е виновен за загаденоста на воздухот, Скопје секој ден е високо на неславната листа со загадени градови во Европа и со светот. И пред Божиќ и денеска по Божиќ, во одреден момент, главниот град беше прв во Европа и на петтото место во светот според нивото на штетни ПМ-честички во воздухот. Според табелата на платформата за мерење на аерозагадувањето „IQAir“, нивото на ПМ- честички беше 181 и со вакви вредности, воздухот е категоризиран како „нездрав“.

Во црвената зона со загаден воздух неколку пати над дозволените концентрации, покрај Скопје, се и други градови во Македонија, како Струмица, каде што повторно беа активирани мерките за намалување на аерозагадувањето, а граѓаните постојано апелираат надлежните да преземат соодветни мерки.

Суспендираните честички на ПМ и азотни оксиди доминираат во урбаните средини, меѓу средните загадувачи во воздухот. Во воздухот се ослободуваат сулфур диоксид и јаглерод моноксид. Во мерењата спроведени од надлежните се наоѓа и содржината на тешки метали и полициклични ароматични јаглеводороди во суспендираните честички (бензопирен). Кога е загаден воздухот, може да се појават најблаги симптоми како печење на очите, иритирачка кашлица, кивање. Докторите велат дека тоа се сите одбранбени системи на телото што се ослободуваат од загадувањето. Ова се поблаги симптоми. Меѓутоа, кај луѓе со хронични заболувања, особено со хронична опструктивна белодробна болест, астма или со хронични кардиоваскуларни заболувања, симптомите на основната болест многу често се влошуваат.

На двата протеста против аерозагадувањето, кои се одржаа во декември во Скопје, беше алармирано државата да почне да презема мерки, а не да го одолжува решавањето на овој акутен проблем. Од „02 иницијатива“ истакна дека се потребни радикални и сеопфатни мерки веднаш, во спротивно Скопје ќе остане на врвот на најзагадени поголеми градови во светот и најзагаден во Европа.

– До советниците на Град Скопје испративме предлог-мерки за решавање на проблемот со аерозагадувањето, кое ги опфаќа сите извори, од начинот на греење на правни субјектите и домаќинствата, сообраќајот, индустријата, палењето отпад/стрништа, градежните активности… Ги повикуваме координаторите на советничките групи на СДСМ, ДУИ, коалицијата Алијанса за Албанците и Алтернатива, советниците на ДОМ и на Демократскиот сојуз да нè контактираат на испратениот и-мејл до нив за да закажеме средба. Доволно време помина животот во гасна комора – велат од „02 иницијатива“.

Премиерот Христијан Мицкоски е свесен дека не може веднаш да се реши проблемот и го впери прстот кон минатата власт, која, според него, не водела сметка за намалувањето на аерозагадувањето. Тој смета дека треба да се промени начинот на затоплување во домовите и, како долгорочно решение, ја нагласува  изградбата на гасни централи, кои ќе ја намалат употребата на фосилни горива во домаќинствата.

– Ние работиме за да се изградат гасни централи. Еден од петнаесетте инвеститори е таков, заинтересиран да изгради такви гасни централи. Но, за тоа, ќе треба време, најмалку две-три години за да профункционира сето тоа. За да се изградат топловоди, можеби и повеќе, можеби пет-шест години – вели Мицкоски.

И од владејачката коалиција „Вреди“, од чии редови доаѓа министерот за животна средина Изет Меџити, реагираат дека загадувањето на воздухот не е проблем од вчера, туку дека претставува долгогодишен предизвик, кој бара систематски и стратешки мерки.

– Владата презема активности за воспоставување целосна контрола врз индустриските капацитети, промовирање еколошки извори на загревање, како и засилена, континуирана инспекциска контрола и соработка со локалните самоуправи. Владата за прв пат донесе програма против загадувањето на воздухот 2024-2030. Владата веќе усвои стратешки плански документ со конкретни програмски цели и со проектни пакети, кои се насочени кон намалување на емисијата на цврсти честички во градовите. Дополнително, изготвен е и акциски план за грејната сезона, кој предвидува итни и краткорочни мерки за заштита на здравјето на граѓаните и за намалување на аерозагадувањето – изјавија од „Вреди“.

МЖСПП: Да се активираат мерките од „Акцискиот план за грејната сезона 2024 -2025

Во услови на зголемени концентрации на суспендирани ПМ10 и ПМ2,5 честички  и неповолни временски услови што дополнително придонесуваат за зголемување на загадувањето на амбиенталниот воздух, Министерството за животна средина и просторно планирање (МЖСПП)  ги повикува сите надлежни институции, општините и Градот Скопје и општините од Градот поинтензивно да ги извршуваат своите обврски согласно „Акцискиот план за грејната сезона 2024 -2025“ кој предвидува краткорочни превентивни мерки што ќе овозможат редукција на емисиите од детектираните сектори.

– Општинските инспекциски служби да ги засилат вонредните инспекциски надзори на терен за контрола на Б-Интегрирани еколошки дозволи и елаборати и позасилена контрола, казнувања и опомени за горење масло, пластика и други опасни материи особено во мали сервиси и погони. Општините и Градот Скопје имаат обврска да подготват и усвојат краткорочни акциски планови, а јавните претпријатија за комунална хигиена на Општините и Градот Скопје за редовно чистење на атмосферските и миење на улици и тротоари. Државниот инспекторат за градежништво и урбанизам и надлежните општински инспектори за урбанизам и градежништво да спроведат засилени вонредни контроли на градилиштата, а сообраќајната полиција да спроведе вонредни контроли на техничка исправност на возилата, особено за оние со дизел горива, и нерегистрирани возила и отстранување на возила од сообраќајот кои се нерегистрирани или чии емисии на издувни гасови не задоволуваат пропишаните стандарди – велат од МЖСПП.

На цементарница УСЈЕ се направени два вонредни ненајавени надзори: еден по 19 часот и еден во работно време. Направена е и контрола на отпад кој влегува во цеметара УСЈЕ. Досега нема отстапувања во параметрите кои се зададени во А дозволата. Во моментот комплетно не работат: Макстил АД, Бауер БГ, Гама Градба – Асфалтна база Студеничани, ЈП Улици и Патишта, Радком, Филип инженеринг Асфалтна база, Агреад Дооел Петровец, Асфалтна База Вато Доо Студеничани Скопје. Во Цементарница УСЈЕ АД Скопје работи само една печка (печка 3), а за 20 дена нема да работат и двете заради ремонтни активности.

(С.Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ