Новиот германски канцелар Фридрих Мерц ја критикуваше американската администрација за мешање во внатрешните работи на Германија, но во исто време најави телефонски разговор со американскиот претседател Доналд Трамп во четврток.
„Не се мешав во изборната кампања пред американските избори, ниту ги повикав граѓаните да гласаат за оваа или онаа партија, а истото го очекувам и од американските политичари“, рече Фридрих Мерц во интервју за јавниот радиодифузен сервис ЗДФ.
Мерц ги критикуваше неодамнешните забелешки на американскиот потпретседател Џ.Д. Венс и државниот секретар Марко Рубио, кои го осудија означувањето на партијата Алтернатива за Германија (AfD) како екстремно десничарска организација. Рубио зборуваше за „тиранија“ во Германија.
„Тоа е сосема апсурдна перцепција за Германија“, рече Мерц.
Мерц, исто така, објави дека сака што поскоро да се сретне со американскиот претседател Доналд Трамп и најави дека утре ќе разговара со него по телефон.
„Не се познаваме лично, но ќе разговараме отворено“, рече новиот германски канцелар.