Нема што да се раскажува или објаснува за тоа која е Весна Змијанац, кога за неа е познато буквално сè. Кариерата на оваа пејачка мегаѕвезда трае повеќе од 50 години, а таа сè уште пее, настапува, има концерти и ги полни салите. Така е и со скопската Т-арена „Борис Трајковски“, која ќе ечи на 28 ноември, кога ќе се одржи нејзиниот концерт во Скопје, по пауза од речиси двесетина години. По тој повод а, и по повод на роденденон на весникот ВЕЧЕР, се дружевме со Весна, а еве и каков прекрасен муабет направивме.0 Повторно во Скопје, по толку многу години, со сите спомени од претходните настапи, какво е сега чувството?

– Верувале или не, имам чувство на некоја вина бидејќи не настапував почесто во македонската метропола. Но, така се наместија работите, па со овој концерт сакам да ѝ и се извинам на скопската публика, која одвај ме дочека. Доказ за тоа е сосема распродадената Т-арена. За Скопје ме врзуваат многу, многу спомени. Во овој убав град имам пријатели, колеги, имам сè што на срцето му е најмило. Исто така, сакам да истакнам, бидејќи ме потсетивте и на вашиот весник ВЕЧЕР, кој денеска слави роденден, дека секако знам за кој весник станува збор. Тоа се тие весници уште од времето на поранешната Југославија, кои по, некое чудо, опстанаа во медиумскиот простор. Ви посакувам уште многу родендени и уште многу здравје, многу читателска публика и многу успеси на медиумскиот пазар. За тоа треба и знаење, а и храброст, за да се избориш како печатен медиум во оваа сегашна џунгла од портали и интернет-телевизии. И да не заборавам да кажам дека, на времето, токму печатените медиуми беа оние што многу ни помагаа на нас, пејачите, во нашите кариери.

0Вашето име е и понатаму мамка за публиката, Вашите песни се пеат со истите емоции како некогаш.

– Убаво е тоа чувството, кога публиката уште ве сака, бидејќи во меѓувреме дојдоа некои „нови клинци“. Јас можеби со здравјето не сум како порано, годините се тука, но затоа умно ги советувам сите: „Не гледајте ме, само слушајте ме“. Тоа е најточната дефиниција за оваа сегашна моја состојба. Иако се трудам колку што можам да ја задржам свежината во изгледот, затоа што е важно добро да изгледате на сцената. Сигурно нема да бидам како некоја “баба-рога“, нема да бидам ниту старлета, но пред сè сум најсреќна што публиката ме памти по доброто пеење и по добрите песни.0Вашата ќерка Николија тргна по Вашите естрадни стапки, стана популарна, а ситуацијата е иста и со Вашиот зет, Реља.

– Па, ете така требало да биде. На почетокот на кариерата, ќерка ми водеше инает со мене. Многу се бунеше, речиси за ништо не сакаше да ме послуша. Кога сфати дека сум во право, дека оваа естрадна професија бара многу откажувања од приватниот живот, ми се заблагодари за секој мојот кажан збор, за сите совети што сум ѝ ги давала. Знаете како, децата на секој од нас ни се најголемата слабост, па и кога ги прават глупостите, кога родителот трпи. Со ќерка ми Николија сешто поминав. Денес сме најдобри другарки! А, зетот е друга приказна, тој е секогаш на моја страна, во моја одбрана (се смее).0 Од каде потекнува Вашето необично презиме Змијанац?

– Мајка ми беше од околината на градот Сисак, денешна Хрватска, татко ми е од Србија, а целата фамилија Змијанац е од градот Ниш. Има многу такви со презимето Змијанац. Со сложувам со вас дека е необично и ретко. Кога бев девојче ми пречеше, бидејќи ме задеваа поради змиите, но отпосле се навикнав на тие муабети. Сега се гордеам кога го изговараат моето презиме. Плус, популарно е насекаде. Да не се лажеме по моја заслуга, како пејачка (се смее).

Дуле Миќиќ

ИЗДВОЕНИ