По повод 9 Ноември, Денот на Општина Велес, вчеравечер, со свечена церемонија беа прогласени заслужните добитници на благодарници и на признанија, луѓе што го обележаа градот во изминатава година.
Добитници на пофалници се Клубот на писатели „Коста Солев Рацин“, Валерија Ваљак-Неделковска, ЗГ „Акцијаш – ветерани“, Коста Тахов, Баже Миров и Спасе Буковски, а благодарници им беа доделени на Благој Гугинов, Александар Јолдашев, Снежана Петрова-Џамбазова, ССОУ „Димитрија Чуповски“, ООУ „Блаже Конески“, Трајче Илијевски, Александар Гулевски и на детскиот хор „Свети Кирил и Методиј“.

– Беа доделени и постхумни спомен-плакети на поранешниот бизнисмен Зоран Љутков и на д-р Ванчо Граматов, а добитник на вакво признание за 2026 година е и ас. д-р Ниметула Лимани – соопштија од Општина Велес.
Оттаму додаваат дека за најстудент годинава е прогласена Емира Хусовиќ, која со просек 9,98 бележи успеси на своите студии на Универзитетот „Ричмонд“ во САД.
Оваа година, добитник на највисокото признание, наградата за животно дело „Гемиџии”, е доктор специјалист Горан Јовиќ, кој со својот богат професионален опис остави неизбришлива трага во грижата за здравјето на многу генерации.
Во чест на добитниците, беше изведен прекрасен концерт од Националниот џез-оркестар.












