Последните наоди од наколната населба Мрдаја во Дојранското Езеро укажуваат дека таа била многу повеќе од изолирана заедница. Како што вели археологот Зоран Рујак за весникот ВЕЧЕР, таа била дел од широка мрежа на комуникација и размена во која циркулирале метали, суровини, технологии и готови производи. Контактите со микенскиот свет и со подалечните балкански региони, вклучително и со Карпатите, сведочат за значителна поврзаност на оваа заедница со тогашните културни и економски центри
Праисториската наколна населба Мрдаја во водите на Дојранското Езеро годинава приреди едно од најзначајните археолошки изненадувања: откриен е бронзен меч стар околу 3.500 години, кој, според досегашните сознанија, претставува најстариот пронајден меч во Македонија. Микенскиот меч-рапир, но и бронзените секири и трагите од металуршко производство, сведочат за моќна заедница, развиени технологии и за нејзините далечни трговски контакти.
Појавата на мечот рапир од микенски тип на овој локалитет отвора нови прашања за контактите на древните жители на Дојран со далечните културни центри на Егејот, но и за бурните настани што се случувале во регионот, во текот на бронзеното време.
– Оваа година истражувањата на Мрдаја се вброија меѓу најуспешните и најзначајни во мојата повеќедецениска археолошка кариера. Пронаоѓањето на мечот е исклучително значаен момент, бидејќи станува збор за високо технолошки развиен предмет со голема вредност, кој сведочи за мобилноста на населбата и за нејзините контакти со поширокиот балкански и егејски простор и колониите што егзистирале таму, а од каде што се нарачувале вакви производи – посочува археологот Зоран Рујак.

Но, мечот не е единствениот наод што ја прави годинашната истражувачка кампања исклучителна.
Особено фасцинантна е приказната за човекот што, можеби, го изработувал или обработувал бронзеното оружје. Археолозите годинава истражиле околу 350 квадратни метри, при што идентификувале остатоци од најмалку три праисториски куќи, а особено внимание привлекла куќата на „металургот“. Станува збор за објект во кој се пронајдени бројни предмети и материјали што сведочат за специјализирано металуршко производство.
Двата калапи за леење двострани бронзени секири, покрај калапите откриени во претходната истражувачка кампања, претставуваат непосреден доказ дека во населбата се познавале и применувале сложени техники за изработка на бронзени алатки и оружје. Во непосредната околина на таканаречената куќа на металургот се откриени и други бронзени оружја, борбена секира со типолошки врски со Карпатскиот Регион, двострана секира од типот килиндир, како и бронзен врв од листолико копје. Заедно со стрелката откриена минатата година, овие предмети упатуваат на можноста населбата да била зафатена од вооружен судир.
Пронајдени се и керамички садови за печење руда, мелници, тријачи, згура и други остатоци од производствениот процес.
– Во куќата на металургот практично добивме нови сознанија за процесите што биле вклучени во добивањето бронзени алатки и оружје. Пронајдовме цинабарит, кој, најверојатно, бил донесен од рудното наоѓалиште Алшар. Тоа е особено интересно, бидејќи укажува на постоење контакти и размена на рударски производи, но и на добро развиени знаења за обработка на минералните суровини – истакнува археологот.

Токму овие наоди ја откриваат Мрдаја како многу повеќе од изолирана езерска населба. Како што вели Рујак за весникот ВЕЧЕР, заедницата во Мрдаја била дел од широка мрежа на комуникација и размена во која циркулирале метали, суровини, технологии и готови производи. Контактите со микенскиот свет и со подалечните балкански региони, вклучително и со Карпатите, сведочат за значителна поврзаност на оваа заедница со тогашните културни и економски центри.
Истражувањата откриваат и интересни детали за секојдневниот и за духовниот живот на жителите. Во керамичкиот украс доминираат соларните симболи, а пронајдени се и култни предмети, таканаречени консекративни рогови, амулет од морски полжав, бронзени прстени, керамички пршлени за вретено, како и различни оловни тегови што упатуваат на развиени стопански активности, меѓу кои и на риболов.
Населбата, чие постоење се протегало низ речиси целиот втор милениум пред нашата ера, претставува редок археолошки прозорец кон животот на заедниците во бронзеното време. Нејзините куќи биле подигнати врз платформи и поврзани со дрвени мостови, создавајќи специфична архитектонска целина приспособена на езерската средина.
Приказната за Мрдаја, сепак, допрва треба да биде целосно раскажана. Паралелно со археолошките истражувања, се подготвува и проект за изградба на музеј на отворено, односно музеј на вода, во централното подрачје на Стар Дојран. Идејата е ова исклучително наследство да добие соодветна презентација и да стане значаен културен и туристички центар.
За Зоран Рујак, Мрдаја има потенцијал да прерасне во многу повеќе од локално археолошко наоѓалиште.
– Мрдаја не е само уште едно археолошко наоѓалиште. Таа е сведоштво за една развиена праисториска заедница, со знаења, технологии, верувања и контакти што го надминуваат локалниот контекст. Сметаме дека во иднина овој локалитет треба да прерасне во капитален проект од национално значење – порачува Рујак. (Д. Т.)












