вторник, ноември 10, 2026
Дома СВЕТ Почнаа трилатерални преговори меѓу Русија, САД и Украина: Дали е можен мировен...

Почнаа трилатерални преговори меѓу Русија, САД и Украина: Дали е можен мировен договор?

1
EPA/SERGEY DOLZHENKO

Делегации од Русија и Украина денес и утре учествуваат во преговори во Абу Даби, со посредство на Соединетите Американски Држави (САД) – ова е прва ваква средба од февруари минатата година. Трилатералните разговори ќе се одржат зад затворени врати и без присуство на медиумите, изјави за „Спутник“ неименуван извор запознаен со организацијата на средбата.

Вашингтон ги смета безбедносните гаранции за Украина и повоените уредувања за клучни прашања во процесот на решавање на конфликтот, а делувајќи како посредник, САД се обидуваат да овозможат постигнување договор што би бил прифатлив за двете страни.

Според британската новинска агенција „Ројтерс“, преговорите доаѓаат по изјавата на американскиот претседател Доналд Трамп, во која тој сугерира дека е можен мировен договор – таков што би ја опфатил и европската безбедност.

Европските претставници нема директно да учествуваат во трилатералните разговори, но ќе отпатуваат во Абу Даби, каде што може да се одржат одделни средби и други форми на дијалог. Германија ќе биде претставена од Гинтер Заутер, советник на канцеларот за надворешна и безбедносна политика, Франција од Емануел Бон, дипломатски советник во Елисејската палата, а во Абу Даби ќе отпатува и Бјорн Зајберт, шеф на кабинетот на претседателот на Европската комисија.

Не може да се постигне никаков договор за решавање на руско-украинскиот конфликт, ниту за безбедноста во Европа, „без Европејците“, соопштија денес од француското претседателство, додека во Абу Даби продолжуваат преговорите меѓу Москва и Киев – под покровителство на САД. Според парискиот весник „Ле Монд“, иако Европејците се присутни во Абу Даби, тие остануваат на маргините на трилатералните преговори – ситуација на која Европејците, предводени од Франција, се спротивставуваат. Нивната цел е да влијаат врз текот на разговорите за да спречат каков било договор што премногу би натежнал кон руските барања.

Русија, сепак, јасно стави до знаење дека не сака европско учество во преговорите со Украина, чија цел е ставање крај на конфликтот што веќе навлезе во својата петта година.

Војната започна во февруари 2022 година со она што Москва го нарече „специјална воена операција“ во Украина, додека Киев и неговите сојузници ја опишуваат како руска инвазија. Киев најави дека планира да одржи посебни средби со претставници на своите европски сојузници, за да ги информира за напредокот на преговорите.

„Правиме сè што е во наша моќ за да обезбедиме Европа да биде учесник во дипломатскиот процес“, изјави во понеделникот главниот преговарач на Украина, Рустем Умеров, пренесува агенцијата Бета.

Од руска страна, во преговорите за првпат ќе учествуваат заменик-министерот за надворешни работи Сергеј Рјабков и високиот воен претставник Јуриј Жигарловски. Делегацијата испратена од Москва повторно ја предводи помошникот во Кремљ, Владимир Медински.

Вреди да се напомене дека Трамп често тврдеше оти е блиску до постигнување договор за ставање крај на најсмртоносниот конфликт во Европа по Втората светска војна, но таков договор сепак не беше постигнат. Сепак, преговорите повторно се интензивираа во последните недели, по неколкумесечниот период во кој вниманието на Вашингтон беше насочено кон војната во Иран.

Нема јавни индиции дека рускиот претседател Владимир Путин е подготвен да се откаже од своето барање Украина да го отстапи целиот источен регион Донбас – што е услов за склучување мировен договор.

Украинскиот претседател Володимир Зеленски категорично одбива да отстапи територија што неговите сили ја бранеле – борба во која многу војници ги загубија своите животи. Напредувањето на руските сили на фронтот оваа година е забавено, а на места речиси целосно запрено.

ИЗДВОЕНИ