Претседателот на Соединетите Држави, Доналд Трамп, денес изјави дека Иран „разговара многу љубезно“ со американските преговарачи и дека постои „добра шанса“ за постигнување договор за ставање крај на конфликтот меѓу двете земји, оценувајќи дека, од воен аспект, војната е „практично завршена“.
„Иран е, во воен поглед, практично готов. Ние само одржуваме ‘статус кво’“, рече Трамп на прес-конференција во Белата куќа, пренесува АП.
На прашањето зошто не прогласи победа над Иран и не ги повлече американските трупи од регионот – со оглед на тоа што веќе го спречи Техеран да дојде до нуклеарно оружје – Трамп одговори дека САД имаат сојузници во регионот кои мораат да ги заштитат.
„Сакаме да обезбедиме долгорочно решение, а не само краткорочно. Иран никогаш нема да поседува нуклеарно оружје, но мораме да бидеме сигурни дека ова е долгорочно решение“, изјави Трамп.
Тој повтори дека војната „брзо се ближи кон крајот“, но ја отфрли забелешката на еден новинар дека тој со месеци наназад предвидува скорешен крај на конфликтот.
„Тврдев дека тие нема да имаат нуклеарно оружје, и нема ни да го имаат“, рече американскиот претседател.












