Најмалку 12 лица се убиени во масовно пукање во област на Јоханесбург, соопшти јужноафриканската полиција. Најмалку девет други се повредени во нападот доцна во вторник во неформалната населба Кливленд, а полицијата започна масовна потера по сторителите.
„Според досега собраните информации, повеќе од десетина осомничени се возеле во бело комбе „Тојота Квантум“ во близина на бензинска пумпа во Кливленд“, се вели во соопштението на полицијата.
„Потоа осомничените влегле во неформална населба низ двата влеза и се движеле низ областа, пукајќи во жителите и членовите на заедницата на повеќе локации пред да избегаат со истото возило“, се додава во соопштението.
Јужна Африка има една од највисоките стапки на убиства во светот, со просек од околу 60 убиени луѓе дневно, објави Би-Би-Си.
Пукањата во неформалните населби се многу чести и често се поврзани со активности на банди или лични конфликти.
Локалната полиција соопшти дека полицајците одговориле на пријава за пукање околу 23:10 часот по локално време во вторник.
Итни медицински служби беа испратени на местото на настанот за да им помогнат на повредените.
Полицијата соопшти дека осум мажи и три жени починале на местото на настанот, додека друг маж починал од повредите во болница.
Најмалку девет лица биле однесени во разни медицински установи за лекување на прострелни рани.
„Мотивот за нападот сè уште не е познат и е под истрага“, соопшти полицијата.
Масовните пукотници не се невообичаени во Јужна Африка. Минатата година, девет лица беа убиени во пукотница во ресторан во Јоханесбург.
Според Гидеон Жуберт од Јужноафриканската асоцијација на сопственици на оружје, во земјата има околу три милиони легално поседувано огнено оружје, додека се проценува дека постои барем исто толку нерегистрирано оружје.












