Израелците утре ќе гласат за нов парламент, првпат по нападот на Хамас врз Израел на 7 октомври 2003 година, бруталната војна во Газа и судирот со Иран. Овие избори, кои многумина ги нарекуваат најважни во историјата на земјата, со можно влијание на целиот свет, се одржуваат во сенка на масовните протести на приврзаниците на опозицијата, што легитимно го поставува прашањето: Може ли да падне Нетанјаху?
Десетици илјади демонстранти викендов излегоа на улиците во елитните делови на Тел Авив, додека опозициските претставници предупредуваа дека иднината на земјата е загрозена доколку премиерот Бенјамин Нетанјаху освои уште еден мандат. Четиригодишното владеење на неговата ултранационалистичка влада ја вовлече земјата во војни низ Блискиот Исток, ги продлабочи внатрешните поделби и го наруши угледот на Израел во странство, пишува „Нешнел“. Според анкетите, опозицијата има предност пред блокот на Нетанјаху, кој во голема мера се потпира на најекстремните крила на движењето на израелските доселеници и на ултраортодоксната заедница.
Сепак, се предвидува дека ниту една страна нема да има мнозинство, што отвора можност за повеќенеделни сложени преговори за формирање коалиција. Во тој случај, Нетанјаху би останал на премиерската функција во технички мандат, па се стравува дека тој би можел да го сврти тоа во своја полза. Исто така, постои можност за обновување на судирите со Иран пред одржувањето на изборите, особено што Нетанјаху ја заострува својата реторика на социјалните мрежи. Во неделата, израелските медиуми објавија информации за тензии меѓу Нетанјаху и воениот врв, опишувајќи ја ситуацијата како „конфронтација без преседан“ во највисоките ешалони на израелската држава, објави телевизискиот канал „Канал 12“.
Гади Ајзенкот, е главен противкандидат на Нетанјаху. Овој поранешен командант на израелската армија, кој минатата година ја основа партијата „Јашар“, според анкетите, е во тесно водство. Тој го загуби својот син, војник, во првите месеци од војната во Газа, ја изгради кампањата врз повици за одговорност за безбедносните пропусти што доведоа до нападот на палестинските екстремисти на 7 октомври 2023 година. На изборите, со Нетанјаху ќе се тркаат и поранешниот премиер Нафтали Бенет и Авигдор Либерман – двајцата десничари и Јаир Голан, левичар кој го поддржува повлекувањето на Израел од големи делови од територијата.
Израелскиот парламент, Кнесетот, има 120 места, што значи дека за мнозинство се потребни 61 мандат. Израел применува пропорционален модел на гласање, што значи дека владите отсекогаш биле повеќепартиски коалиции. Поради тоа, по денот на изборите, може да поминат неколку недели или дури месеци за да се формира нова влада. Ако ниту еден блок не може да формира мнозинство, можно е власта да ја презема малцинска влада.












