EPA/Sean Gallup / POOL

Човекот кој отвори оган со автоматска пушка во киевската област Голосеевски, каде што убил неколку цивили, е роден во Москва и има украинско државјанство, изјави главниот обвинител Руслан Кравченко во објава на Телеграм.

Човекот, кој беше убиен од полицијата за време на обидот да го уапсат во супермаркет во Киев, се вика Дмитриј Василевич Василченков (58) и живеел во тој дел од градот, објавува Униан.

Новинарот Виталиј Глагола изјави во објава на Телеграм дека Василченков се појавил во руски јавни групи на социјалните мрежи и зборувал за донации за Русија.

„Исто така, открив дека служел во руската воена единица број 30274. Поточно, на социјалните мрежи најдов негова фотографија, каде што е прикажан во униформа со чин потполковник на руската армија. Постојат докази за двојно руско и украинско државјанство“, рече Глагола.

Украинскиот министер за внатрешни работи Игор Клименко претходно денес изјави дека „специјалните сили на Националната полиција КОРД извршиле рација во продавницата каде што се наоѓал напаѓачот“, кој зел луѓе од супермаркетот како заложници и пукал во полицајците кога се обиделе да го уапсат.

„Бројот на жртвите во нападот се разјаснува. Има мртви и ранети“, рече Клименко во објава на Телеграм.

Мажот претходно пукал во луѓе на улица во населбата Демивка во Киев, а подоцна влегол во супермаркет каде што ги зел присутните како заложници.

Локалните медиуми, исто така, објавија дека напаѓачот го запалил својот стан во истата област, пред пукањето.

Зеленски: Пет лица загинаа во пукањето во Киев, напаѓачот е убиен

Украинскиот претседател Володимир Зеленски, изјави дека досега е утврдено дека маж вооружен со автоматска пушка убил пет лица на улиците и во супермаркет во Киев, и дека полицијата го убила напаѓачот.

„Моментално, десет лица се хоспитализирани со рани и повреди. Сите тие ја добиваат потребната медицинска помош. Четири заложници се спасени. Сметаме на брза истрага. Истражителите на Националната полиција и Службата за безбедност на Украина работат“, рече Зеленски во објава во телеграм, пренесува Униан.

Зеленски додаде дека им наложил на министерот за внатрешни работи и началникот на Националната полиција на Украина „да ѝ ги достават на јавноста сите проверени информации за овој случај“.

Градоначалникот на Киев, Виталиј Кличко, во објава на Телеграм изјави дека во пукањето се повредени десет лица, кои се примени на болничко лекување, како и пет лица на кои им е укажана помош на лице место.

 

ИЗДВОЕНИ