Се очекува катарските посредници денес или утре да одржат одделни разговори со иранскиот министер за надворешни работи Абас Аракчи во Њујорк и со американската страна, изјави денес официјален претставник запознаен со преговорите.
Во изјава за „Ројтерс“, претставникот истакна дека се очекува разговорите да се фокусираат на изменета верзија на предлогот од седум точки што Иран го претстави минатата недела на маргините на Генералното собрание на Обединетите нации.
Аракчи остана во Њујорк по учеството на Генералното собрание; агенцијата додава дека засега не е јасно кој ќе ја претставува американската страна во разговорите со посредниците.
Во својот план од седум точки, Иран предложи прекин на сите непријателства во Иран и Либан, одмрзнување на иранските средства во вредност од милијарди долари, укинување на санкциите за иранската нафта и прекин на американската блокада на иранските пристаништа.
За возврат, Техеран би дозволил повторно отворање на Ормускиот теснец, додека двете страни би продолжиле со преговорите во врска со иранската нуклеарна програма.
Американскиот претседател Доналд Трамп во саботата изјави дека го отфрлил иранскиот предлог, наведувајќи дека Техеран сака брз договор поради силниот економски притисок со кој се соочува.
Сепак, Трамп вчера за американскиот медиум „Аксиос“ изјави дека очекува американските преговарачи да ги продолжат разговорите оваа недела. Аракчи вчера рече дека посредниците официјално не го известиле Техеран оти Вашингтон го отфрлил предлогот и дека Иран го очекува конечниот став на САД пред да одлучи за следните чекори, пренесува „Танјуг“.
„Нашите услови се јасни и секој чекор кон повторно отворање на Ормускиот теснец зависи од исполнувањето на тие услови“, рече Аракчи, додавајќи дека ќорсокакот може да се реши само преку преговори.












