Во рамки на 49. Денови на македонска музика, вечерва (28 септември), во 20 часот, во Музејот на македонската борба, ќе се одржи концерт на Наз Ирем Туркмен, на виолина и Марија Вршкова, на пијано. На програмата ќе се изведат: A. A. Saygun, Сони Петровски, Томислав Зографски, Филип Иванов, Fazil Say.
Виолинистката Наз Ирем Туркмен е родена во 2006 година во Истанбул. Во моментов студира виолина на Универзитетот „Моцартеум“ во Салцбург, во класата на проф. Хагаи Шахам. Во 2023 и 2024 година е избрана меѓу единаесет музичари за учество на Академијата за камерна музика „Colluvio“. Како дел од овој ансамбл, во текот на двете сезони настапувала во шест земји и осум различни градови, дополнително развивајќи го своето искуство во камерното музицирање. Во Турција настапувала како солистка со повеќе водечки оркестри, меѓу кои Борусан Истанбулската филхармонија, Државниот симфониски оркестар на Измир, Државниот симфониски оркестар на Истанбул, Оркестарот „Џемал Решит Реј“, Државниот симфониски оркестар на Ескишехир, Оркестарот на Државната опера и балет во Истанбул, Симфонискиот оркестар „Ел Еле“ и Симфонискиот оркестар „Туркиш Старс“. Во 2023 година настапила и како солистка на фестивалот „Stars and Rising Stars“ во Минхен. Покрај својата интензивна музичка дејност, Наз Ирем Туркмен течно зборува германски, англиски, руски, италијански и турски јазик.
Марија Вршкова е една од најистакнатите македонски пијанистки, препознатлива по суптилниот музички израз, префинетата интерпретација и извонредната техничка подготвеност. Особено значајно место во нејзината уметничка дејност зазема современата музика. Вршкова досега реализирала повеќе од педесет светски премиери на дела од македонски и странски композитори, придонесувајќи кон афирмацијата на современото музичко творештво. Соработувала со истакнати уметници како Ана и Олег Кондратенко, Блерим Груби и Страшо Темков, а во 2010 година го издава своето прво солистичко ЦД, „Македонска музика за пијано“. Како солист и камерен музичар настапувала во Турција, Хрватска, Холандија, Германија, Полска, Велика Британија, Украина, Италија, Бугарија, Русија, САД, Србија, Австрија и Грција. Редовно е присутна и на најзначајните музички фестивали во Македонија, меѓу кои Охридско лето, Денови на македонска музика, Златна лира и Есенски музички свечености. Во 2009 година ја добива наградата за специјално уметничко достигнување на меѓународниот натпревар „Охридски бисер“. Носител е и на три национални награди „Виртуози“ – за музички изведувач во 2013 година и за камерен состав во 2015 и 2016 година. Во 2023 година ја добива и највисоката награда на СОКОМ – „Георги Божиков“. Марија Вршкова денес работи како вонреден професор и продекан за концертна дејност на Факултетот за музичка уметност во Скопје, каде што преку својата педагошка, изведувачка и организациска работа активно придонесува кон развојот и афирмацијата на македонската музичка култура и современото музичко образование.
Влезот на концертот е слободен.












