
На социјалните мрежи се појавија снимки од беспилотно летало (UAV) за кое се тврди дека се урнало во близина на полската граница.
Полска денеска крена борбени авиони по рускиот напад врз западна Украина, додека украинските канали за следење на ситуацијата објавија дека дрон се урнал во близина на граничниот премин Дорохуск-Јагодин меѓу Украина и Полска.
Оперативната команда на полските вооружени сили соопшти дека, поради руските воздушни напади врз територијата на западна Украина, полските воени авиони дејствувале во рамките на полскиот воздушен простор, пренесе порталот „Полсатњуз“ (Polsatnews).
Во соопштението се наведува дека се ангажирани потребните сили и средства, додека системите за противвоздушна одбрана и радарски надзор се ставени во состојба на зголемена готовност.
„Овие активности се од превентивна природа и имаат за цел обезбедување и заштита на воздушниот простор, особено во областите што граничат со загрозените зони“, соопшти Оперативната команда.
Полската агенција за услуги за воздушна навигација објави дека аеродромите во Лублин и Жешов привремено ги прекинале операциите.
Сирени за воздушна опасност се огласија во Лублинското војводство, а Полскиот владин центар за безбедност издаде предупредување до граѓаните, повикувајќи ги да побараат засолниште поради руските напади врз соседна Украина.
„Во тек е руски воздушен напад на украинска територија. Ситуацијата се следи. Полски авиони дејствуваат во воздушниот простор на Република Полска. Очекувајте дополнителни информации“, се наведува во предупредувањето објавено на платформата „Икс“.
Украинските канали за следење претходно известија дека дрон на млазен погон се движел кон границата со Полска и потоа – според групите што ја следат воздушната ситуација – се урнал во близина на граничниот премин Дорохуск-Јагодин.
На социјалните мрежи се појавија и снимки од беспилотно летало за кое се тврди дека се урнало во близина на полската граница, пренесува „Танјуг“.
Полските власти сè уште не потврдиле дали дронот што се урнал во близина на границата бил руски.











