Маријана ги има синот Филип и ќерката Магдалена, а воедно е и многу среќна баба на внуката Ева, која се роди во Мелбурн и, инаку, е ќерка на нејзиниот син Филип. Бабата и внуката постојано се дружат и секогаш се на социјалните мрежи насмеани и прегрнати
По долгиот летен одмор во родната Македонија, пејачката и сестра на Росана Сариќ-Тодоровска, Маријана Новачевска, повторно е во своето (ново) дома, во далечната Австралија. Маријана и Росана останаа да траат на македонската музичка сцена, особено што и денес се пее нивната дуетска песна „Признавам“ во Македонија, на сите забави, журки, прослави… станувајќи евергрин. Напишана е од Тоде Новачевски, нејзиниот сопруг, за жал починат, со кого ги има синот Филип и ќерката Магдалена. Маријана воедно е и многу среќна баба, па неодамна сподели нова фотографија на која е со внуката Ева, која се роди во Мелбурн и која, инаку, е ќерка на нејзиниот син Филип. Тие позираат силно прегрнати.
Маријана повеќе од три децении живее во Австралија, а летото во Македонија го искористи да сними нова песна, пак со сестра си Росана. Во песната „Засекогаш млади“, сестрите пеат заедно со Драган Спасов-Дац и со Александар Митевски. Автор на музиката е Митевски, а во песната учествува и Огнен Неделковски како текстописец.
– Живејте го животот зашто нема реприза – порача веселата Маријана по снимањето на песната.
И тука не застануваат убавите случувања што ги имаше Маријана во текот на летниот одмор во Македонија. Освен што се виде, што се дружеше со голем број пријатели и роднини и што се прошета низ центарот на Скопје, кое, за неа, е една од најубавите светски метрополи, беше многу радосна и поради дружењето со пејачката Тамара Тодевска. Има посебна причина за тоа. Тамара Тодевска објави емотивно видео со Маријана и со Росана со кое ги врати 35 години во минатото. Станува збор за архивска снимка од нејзиниот прв јавен настап на фестивалот „Макфест“ во 1991 година, кога запеа на сцената со тогашните веќе пејачки ѕвезди, Росана и Маријан, пеејќи ја со нив песната „Љубов“. (Д. М.)












