Сè повеќе наши камионџии и газди на транспортни фирми гледаат преку граница. На фејсбук-групите, македонските камионџии објавуваат дека сериозно размислуваат дали да го префрлат целиот бизнис во Хрватска, Словенија, Бугарија, па дури и понатаму – во Полска, Унгарија или Германија.

Сметаат дека вратите за европскиот пазар таму им се ширум отворени. Камионите полесно се регистрираат, полесно се наоѓаат и се пријавуваат шофери, а европските партнери го свртуваат погледот кон нив со поголема доверба.

Арно ама, работата не е толку едноставна ниту е за фалење. Зад секој камион со странски таблички што ќе замине, се крие многу поголема мака за сите во државава. Во нивната анализа се посочува дека еден камион помалку во македонска фирма значи и помалку пари за плати и придонеси што се уплатуваат тука, дома.

– Ако фирмите и шоферите комплетно си заминат, сите тие придонеси ќе одат во пензиските и во социјалните фондови на странските држави. Според европските правила, каде што работиш и каде што е регистрирана фирмата – таму си ги оставаш давачките – велат тие.

Македонија веќе мака мачи со иселувањето и со тоа што населението старее. ММФ веќе предупреди дека до 2026 година, пензискиот систем ќе биде под сè поголем притисок и ќе му требаат сè повеќе пари за да издржи. Со заминувањето на возачите и на газдите на транспортните компании, најверојатно ќе си заминат и нивните семејства. Затоа, велат тие, денес работата не е само да се прашаме: „Каде ќе ги ставиме табличките на камионот?“, туку главното прашање е: „Кој утре ќе ги плаќа придонесите, каде ќе останат работните места и од кои пари ќе се дели пензија во Македонија?

Со години, транспортот е еден од најјаките адути на македонската економија. Тоа е индустрија со куп луѓе, фирми и камиони што крстосуваат низ цела Европа. Ако државата не им даде ветар во грбот да растат од кај нас кон светот, тогаш ние ќе ги натераме сите да си ги спакуваат куферите и да заминат, а кризата ќе ја почувствуваат и државниот буџет, и пензионерите, и целата домашна економија.

(С. Бл.)

 

 

ИЗДВОЕНИ