Марта Митева, Арбана Касами, Антонио Томески, Јане Коцески, Мила Саздова, Огнен Пендаровски, Марија Симоновска, Никола Петровски, Михаил Трајков, Мила Чолакоска, Стефана Димитриеска, Симеон Наловски, Стефан Спасов и Тамара Атанасова се 14-те добитници на престижното признание „Инженерски прстен“, кое годинава се доделува по 23. пат. Станува збор за најуспешните студенти од повеќе факултети низ државата, со чие прогласување бројот на закитени инженери со ова признание достигна вкупно 257.
По повод доделувањето на признанијата, министерката за енергетика, рударство и минерални суровини, Сања Божиновска, оствари средба со младите инженери. На средбата се разговараше за нивните идеи, проекти, области во кои се развиваат и за визијата за нивната професионална иднина во Македонија.

– Секоја држава има потреба од знаење, но уште повеќе има потреба од млади луѓе кои знаењето знаат да го претворат во идеи, а идеите во конкретни решенија. Вашиот успех не е само личен успех – тој е и потенцијал за напредок на Македонија – истакна министерката Божиновска, порачувајќи им да не престануваат да истражуваат и иновираат.
Таа додаде дека институциите мора да бидат партнер на младите и да создаваат услови за нивниот развој, нагласувајќи дека вратите на Министерството се отворени за сите нивни иницијативи.

На средбата беа разгледани и можностите за поголемо вклучување на младите експерти во идните развојни проекти на државата. Како симболичен поттик за досегашните постигнувања и идната кариера, министерката Божиновска на добитниците им додели и посебни признанија за инженерски потенцијал и развој.












