Во Собранието, со вкупно 250 пратеници, Студентската листа има 140 места, листата на Александар Вучиќ – 103, а седум места имаат листите на малцинствата. Пратеничката од СНС, актерката Лидија Вуќичевиќ, ја полеаја со јогурт, а тоа беше повод Александар Вучиќ првпат да се огласи, најавувајќи дека отпорот на неговата партија ќе биде посилен во иднина. Во кафулињата и рестораните во градовите ширум Србија беа поставени екрани преку кои можеше седницата да се следи во живо, како што обично се прави при пренос на важни спортски натпревари, а ја следеа и повеќе од 350 домашни и странски претставници на медиумите
По две години студентски протести, масовно поддржани од граѓаните, и победата на студентите на парламентарните избори, Србија денеска, на симболичен датум – Меѓународниот ден на студентите, го доби првиот орган на новата власт – Народното собрание.
Во Собранието со вкупно 250 пратеници, Студентската листа има 140 места, листата на Александар Вучиќ – 103, а седум места имаат листите на малцинствата. Ова е прв состав на Народното собрание во последните 14 години во кој избраниците на Александар Вучиќ немаат мнозинство. Самата седница се одвиваше бавно, со малку работа и долги паузи. По првите 15 минути заседавање, беше дадена пауза од два и пол часа, што некои од новите пратеници го протолкуваа како знак дека власта во заминување не е многу расположена да работи.
Пратеникот Илија Срдановиќ, кој е носител на „Студентска листа – Студентите победуваат“, изјави дека следниот институционален чекор е распишување претседателски избори и дека постои можност до крајот на годината да биде формирана нова влада. Законски, владата треба да се формира најдоцна 90 дена од моментот на конституирање на Собранието, но во Србија биле реализирани и други сценарија.
Избраниците на студентите во Собранието влегоа со погача и песна. Конститутивната седница почна во 10 часот, но два часа претходно, во Пионерскиот парк и на платото пред Собранието, се собра голема група граѓани, поддржувачи на Студентската листа. Додека пратениците на новото парламентарно мнозинство беа пречекани со аплауз, за пратениците на Српската напредна странка немаше топло добредојде. Се случи и инцидент, кога актерката Лидија Вуќичевиќ, која е пратеничка од листата на Вучиќ, беше посипана со јогурт. Ова беше повод Вучиќ првпат да се огласи.
– Во пратеничката клупа, експертите наскоро ќе ни кажат дека има многу поважна работа од работата, а тоа е да се сменат местата во Народното собрание. Се подготвувам за попладневниот говор, бидејќи паузата сепак ќе трае малку, но среќен сум што не сум на страната на оние што ги тепаат жените, ги влечат за коса, им истураат јогурт и што не сум меѓу оние што можат да го поздрават таквото нешто, рече тој во видео објавено на „Инстаграм“ додека седи во Собранието и нагласи дека е задоволен што неговата СНС има луѓе подготвени за политичка борба, најавувајќи дека отпорот на неговата партија ќе биде посилен во иднина. Наспроти овој инцидент, за кој студентите рекоа дека не е во согласност со она за што се залагале тие, незадоволство од политиката на СНС, друг граѓанин го изрази на креативен и ненасилен начин. Како што објавува порталот „Разглас њуз“, откако пратениците на СНС влегоа во Собранието, еден граѓанин застана на црвениот тепих со кандило и го окади влезот.
Граѓаните на Србија, а и дел од оние во регионот, речиси цел ден се пред ТВ-екраните, следејќи ја седницата која многумина ја оценија како историска. Во кафулињата и рестораните во градовите ширум Србија се поставени екрани преку кои може да се следи седницата во живо, како што обично се прави при пренос на важни спортски натпревари. Сопственикот на кафеаната „Куќа“ од Крагуевац, за медиумите изјави дека на тој начин им се оддолжуваат на студентите за нивната двегодишна борба. Седницата ја следат повеќе од 350 домашни и странски претставници на медиумите – од Македонија, Словенија, Унгарија, Италија, Турција, Грција, Британија, Русија… Информативната служба на српскиот парламент за агенцијата „Бета“ изјави дека досега не е забележан таков интерес за конститутивна седница на српскиот парламент.
– Конститутивната седница на Народното собрание на Србија е првиот чекор кон формирање на нова влада. Исто така, ова е првпат во историјата на оваа балканска земја новоформираното протестно движење да има парламентарно мнозинство… Самиот Вучиќ сега е еден од пратениците на опозицијата, откако во последните 14 години ги извршуваше функциите министер за одбрана, премиер и претседател, пишува „Асошиетед прес“. Агенцијата потсетува дека Србија е земја кандидат за членство во Европската Унија и дека овој процес е заглавен под власта на Вучиќ поради падот на демократијата и блиските врски со Русија.
Се додава дека службениците на ЕУ ѝ понудиле помош на идната српска влада во спроведувањето на реформите.












