Во градинките во Општина Аеродром се одржаа серија едукативни и креативни работилници за правилното селектирање отпад, наменети за децата од предучилишна возраст.
Под мотото „Малите екохерои за чиста иднина“, компанијата „Еуроекопак“, како колективен постапувач со отпадот од пакување, преку игра, разговор и уметност ги доближи до најмалите основните навики за грижа кон природата и кон животната средина.
Работилниците се одржаа минатата недела, секој ден на различна локација, опфаќајќи ги градинката „Бубамара“ и нејзиниот клон „Сонце“, како и градинката „Срничка“ со објектите „Бамби“, „Чекорче и штурче“ и „Калинка“. Децата имаа можност на практичен, креативен и интерактивен начин да научат зошто е важно правилно да се селектира отпадот.
Во рамките на активностите, уметник ги водеше децата низ процесот на боење канти за селекција на отпадот, со еколошки симболи. Преку цртање, игра и едноставни практични примери, најмалите учеа како да препознаваат различни видови отпад, каде треба да го фрлаат и како може да придонесат секојдневните навики за почиста и поздрава околина.
– Веруваме дека еколошката едукација треба да почне уште на најмала возраст. Децата најлесно учат преку игра, боја, креативност и личен пример, а токму тоа беше суштината на овие работилници. Со проектот „Малите екохерои за чиста иднина“, сакаме да им покажеме дека и тие, со мали, секојдневни постапки, може да бидат вистински херои за почиста и поздрава иднина. Особено ни е драго што Општина Аеродром ја препозна важноста на оваа иницијатива и даде поддршка за нејзина реализација – изјави Лука Луковски, директор на „Еуроекопак“.
Целта на мини карванот е подигнување на еколошката свест кај децата од предучилишна возраст и развивање навики за правилно селектирање отпад уште од најраното детство.
Преку едукативни и интерактивни работилници, креативни активности, учење преку игра и дружење, децата беа поттикнати да размислуваат за својата улога во заштитата на животната средина.
„Еуроекопак“ најавува дека и во иднина ќе продолжи со активностите насочени кон едукација, подигнување на јавната свест и поттикнување за правилно селектирање на отпадот, со фокус на најмладите генерации како носители на позитивните промени.












