понеделник, јуни 29, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА Не се чувствуваме виновни, сите 13 негираат вина за огнената стихија

Не се чувствуваме виновни, сите 13 негираат вина за огнената стихија

Почна судењето за полицајците што „замижале“ кога почнало да гори во „Пулс“

317

Судницата во Кривичниот суд беше претесна да ги собере новинарите и семејствата на починатите деца во „Пулс“, на судењето за 13-темина полицајци што биле на работа и во контрола на дискотеката на Дејан Јовановски-Деко, вечерта на 16 март. По едно одложување и долги паузи, започна главната расправа, која ја води судијката Фанка Јанчулева. Сите обвинетите се изјаснија дека не се чувствуваат виновни, додека обвинителството оцени оти полициските службеници со пропусти во постапувањето придонеле за настанување на трагичните последици.

Обвинителката Спасенка Андонова кажа дека обвинетите полицајци и инспектори биле дежурни и работно ангажирани во „Пулс“. На критичната ноќ кога избувна пожарот, полицајците не ја прекинале забавата, ниту го спречиле активирањето на прскалките. За тешки дела против општата сигурност, на обвинителна клупа седнаа: началникот Дејан Салтировски, главниот инспектор Ванчо Ѓеоргиевски, инспекторката Марија Маневска, инспекторот за дрога Томо Донев, неговиот колега Драган Петрушев, понатаму водичот на безбедносниот регион Кире Богатинов, полицајците Стојанче Филипов, Благица Митрева, Марјан Радевски,  инспекторката за криминал Кристина Николова, инспекторот за оружје Малзу Рамаданов, инспекторот за дрога Дарко Милошевски и неговиот колега Мартин Арсовски.

Претходно се одржа подготвително рочиште на кое судијката ги праша адвокатите дали оспоруваат нешто од обвинението. – Цело обвинение и сите докази се спорни – беа едногласни бранителите.

По тоа, судијката ги праша: „За вас е спорно дека имало пожар таа вечер и на тоа место“, на што реагираа семејствата на починатите деца, кои седеа одзади во судницата. По ова, бранителите ја прифатија листата на докази од Обвинителството.

И на ова судење имаше обиди за одложување, Судот го одби барањето на адвокатите за изземање на втората судијка, а беше побарано и одложување на постапката сè додека трае судењето за пожарот, во Идризово. Одбраната посочи дека паралелната постапка е сериозна пречка за овој случај и отвори прашања во однос на тоа кои факти Судот ќе ги смета за спорни или неспорни, како и кои од доказите предложени од Обвинителството треба да бидат задржани и презентирани.

Според Обвинителството, обвинетите полицајци, од 14 до 16 март – денот кога се случи трагедијата, одобриле и спровеле план за акциска контрола без да проверат дали ги има опфатено тој сите проверки што се во нивна надлежност, ниту, пак, дали се почитувани одредбите од стандардните оперативни процедури за процена и управување со ризик при вршење полициски работи. Кобната ноќ влегле во „Пулс“ во 2:20 часот по полноќ, по усна наредба, а пиротехниката, која се смета за непосредна причина за избувнувањето на пожарот, се активирала среде контролата. Во пожарот загинаа 63 млади луѓе, а нивните родители ги обвинија уште првиот момент дека не реагирале ниту кога започнал пожарот ниту при евакуацијата на младите од дискотеката. (П. А.)

 

 

ИЗДВОЕНИ