Природата, чистиот воздух и козјото млеко и козјото сирење, кои ги произведува заедно со своите татко и мајка, се животната филозофија на триесет и петгодишниот фармер Давид Неделковски, на семејната фарма „Кози, млеко, планина“ во Раштак, каде што живее речиси петнаесетина години. Напуштајќи го, како што вели, градскиот живот, тој и неговото семејство решиле да се преселат на имотот од неговиот дедо, каде што имаат 43 грла кози, а на чардакот од нивната куќа со автентична архитектура потсушуваат сирење. Произведуваат младо сирење, „калеш мара“, како и пештер сирење. Лани првпат произвеле и камемберт сирење од сурово млеко. Круна на неговата напорна работа и труд е наградата „Resistenza Casearia“, која ја освоил во 2023 година, на фестивалот „Cheese“ во Бра, Италија, за својата најголема гордост – сирењето „калеш мара“

Природата, чистиот воздух и козјото млеко и козјото сирење што ги произведува заедно со своите татко и мајка се животната филозофија на триесет и петгодишниот фармер Давид Неделковски, на семејната фарма „Кози, млеко, планина“ во Раштак, каде што живее речиси петнаесетина години.
Напуштајќи го, како што вели, градскиот живот, тој и неговото семејство решиле да се преселат на имотот од неговиот дедо.
– Прашањето беше дали секој поединечно ќе си ја бара среќата или ќе се обидеме да направиме нешто заедно – раскажува Неделковски.
Тој додава дека во тоа време студирал архeoлогија и работел во бифето на Младинскиот културен центар.
– Тогаш беа живи моите баба и дедо, но беа стари и некој требаше да се грижи за нив – ја започнува Неделковски својата животна приказна.
Демократски одлучиле да ја стават во функција земјата што ја наследиле.
– За мене, тоа беше примамливо, бидејќи, како студент по археологија, се вљубив во неолитот, па сметав дека тоа ќе биде одлична можност барем на сегмент да ја почувствувам таа златна ера на човештвото – вели тој.
Воопшто не се кае за ваквиот потег, иако, како што вели, тоа било голем предизвик за градско дете со нежни розови рачиња.
– Се впуштивме во оваа наша животна приказна. И навистина не беше лесна таа адаптација. Ако до вчера излегував во парк, се дружев, одеднаш се најдов проголтан во планината. Со текот на времето, ги изучивме и одгледувањето на козите и обработката на млекото од нив. За мене, сега тој градски живот е сон, како некакво привидение – наведува Неделковски, потенцирајќи дека на фармата се научил да работи со нож, со секира, да распознава билки наместо свирење на бас-гитара.
Воедно, ги осознал и значењето на благосостојбата на козите и соживотот со природата.
– Сега повеќе сум насочен кон иднината и сегашноста отколку кон минатото – нагласува тој.
Иако, како што додава, се работи за комплексен начин на живот поврзан со многу работи, оваа професија, според него, не се вреднува.
Во моментот имаат 43 грла кози, но и по некоја кокошка, а оваа година тој првпат обработува и бавча откако бил на курс по биоградинарство без употреба на пестициди.
Куќата каде што живее е со автентична архитектура, како оние на Скопска Црна Грна Гора, изградена по Втората светска војна, подигната со голем чардак, на кој, како што вели, се потсушуваат сирењата што ги произведуваат од млекото на козите.
– Произведуваме сурутка, младо сирење, „калеш мара“, како и пештер сирење. Лани првпат произведовме камемберт сирење од сурово млеко. Како се молзе така веднаш се обработува млекото од козите и се прават сирењата. Можам да кажам дека од година на година растат свесноста и побарувачката – констатира Неделковски.

Тој вели дека она што го работат на почетокот се сметало за дно и не било во мода, но денеска, како што наведува, е некаков облик на биолошки отпор кон модерното со сите негови девијации.
Убеден е во тоа дека оваа професија може да функционира само во семејно јадро, бидејќи, како што потенцира, буквално гинат еден за друг.
– Има предизвици како и во секоја професија. Најголемото проклетство на сточарите е тоа што во најтоплото се подготвуваат за најстуденото, односно сега собираат добиточна храна, а притоа рутината и обврските не запираат, има молзење на козите, прошетки на козите. Мислам, и денот да трае 60 часа, повторно нема да стигнеме сè да завршиме – констатира Неделковски.
Сепак, и покрај тешкотиите, тој не сака да му се врати на градскиот живот откако, како што вели, ги „баталил“ студиите.
– Не сакам да го поминам животот по семафори, овде имам цела планина на располагање – дециден е тој.
Круна на неговата напорна работа и труд е наградата „Resistenza Casearia“, која ја освоил во 2023 година, на фестивалот „Cheese“ во Бра, Италија, за неговата најголема гордост, сирењето „калеш мара“, што во превод би значело отпор при производството на млечни производи, престижно признание што инспирира.
Наградата им се доделува само на оние што се најупорни, најдоследни и најтрадиционални во производството на сирење, оние што се во духот на слоу фуд филозофијата за добра, чиста и правична храна. Имено, станува збор за луѓе ентузијасти, кои наместо да му се препуштат на духот на ова време на брзо живеење и консумеризам, се обидуваат да ја зачуваат традицијата продолжувајќи, во случајот на „Кози, млеко, планина“, да произведуваат сирења со почит кон животната средина, животните и традиционалното наследство на вкусови. Заслугите за својот успех Давид ги споделува со екипата на „Слоу фуд Македонија“.
(А. П.)












