„Амазон МГМ Студиос“ (Amazon MGM Studios) објави дека Роберт Патинсон ќе ја преземе култната улога на Џејмс Бонд во долгоочекуваниот филм, најавувајќи нова ера за еден од најславните ликови во кинематографијата. Режијата на филмот е на Дени Вилнев, според сценарио на Стивен Најт. Ејми Паскал и Дејвид Хејман се продуценти преку нивните компании „Паскал Пикчрс“ (Pascal Pictures) и „Хејдеј Филмс“ (Heyday Films), додека Тања Лапоант е извршен продуцент.
Холивуд е очигледно заљубен во 40-годишниот англиски актер, познат по блокбастерите како „Самрак“ (Twilight) и „Бетмен“ (Batmen). Тој играше и сопруг обземен од анксиозност покрај Зендаја во црната комедија „Драмата“ (The Drama), го толкуваше и Антиној во „Одисеја“ (The Odyssey) на Кристофер Нолан, а го игра и негативецот Скитал, во последниот дел од епската трилогија на Дени Вилнев, „Дина“ (Dune).

Сега, Патинсон е избран да го игра Џејмс Бонд во најновото продолжение на повеќемилијардерската франшиза во продукција на „Амазон МГМ Студиос“, кое исто така треба да го режира Вилнев, пишува „УСА Тудеј“ (USA Today).
Тој треба да го наследи Даниел Крег, кој го најави своето заминување од улогата во 2019 година. Две години подоцна, филмот „Нема време за умирање“ (No Time to Die) го означи последното појавување на Крег како познатиот британски агент 007.
„Џејмс Бонд е еден од најлегендарните ликови во кинематографијата и да ви биде доверен 007 е животна чест“, изјави Патинсон во соопштение.

Како што е познато, со години имаше многу шпекулации за тоа како да се модернизира еден ваков култен лик и воедно културен белег. Кружеа прашања за можен женски или црн Џејмс Бонд. Актерите за кои се шпекулираше се движеа од Идрис Елба до Калум Тарнер. Заедно со Тарнер и Патинсон, уште тројца други актери (Николас Хоулт, Џек Лоуден и Џош О’Конор) поминаа пробни снимања за улогата во Лондон кон крајот на октомври. Аудициите вклучувале каскадерски сцени, дијалози и појава пред камера, пишува „Њујорк тајмс“.
Препознатливоста на финалната група актери е само уште еден пример за склоноста на Холивуд да игра на сигурно.

-Патинсон ќе биде добар Џејмс Бонд. Тој е многу способен актер. Но, не можам а да не го видам неговиот избор како одраз на скептицизмот на Холивуд кон способноста на публиката да се поврзе со нови, свежи актери, истакнува колумнистот на „УСА Тудеј“.
Бонд е еден од најпрепознатливите ликови во историјата на Холивуд.
Како што додава колумнистот Кофи Мфрама на „УСА Тудеј“, секој млак прием на изборот на Патинсон е помалку поврзан со самиот човек, а повеќе со фактот дека кога одиме да го гледаме во кино, преплавени сме со трејлери од познати актери во стари, рециклирани франшизи.
-Сепак, ако оние што носат одлуки во Холивуд се цврсто решени за главниот лик, постојат уште многу други области за размислување за претстојниот филм за Бонд. Веќе почнаа да кружат имињата на кандидатките за новата „Бонд девојка“, а тука е и прашањето за насловната песна на Бонд. Последните три песни – „Skyfall“ од Адел, „Writing’s on the Wall“ од Сем Смит и „No Time to Die“ од Били Ајлиш и Финеас О’Конел – освоија Оскар за најдобра оригинална песна. Тоа е речиси загарантиран Оскар за секој што ќе ја изведе новата Бонд нумера.
-Мислам дека сега е вистинскиот момент да се раскине со оркестарската британска ноар-формула, и покрај нејзиниот успех. Можеби рокенролот ќе биде звукот на новиот Џејмс Бонд?, вели Мфрама.











