Триото во состав Иван Наумовски, бас-баритон, и Јован и Ѓорѓи Петрушевски, на пијано, обоа и на англиски рог, на своето гостување во Србија ја освои публиката во Белград и во Нови Сад. Во рамките на „Медитеранска ноќ“, тие ги одушевија присутните со внимателно избраната програма од италијански, француски, шпански и од австриски композитори, а особено со сплетот обработки од најпрепознатливите македонски народни песни
Преполна сала, долги овации и враќање на бис. Новоформираното македонско трио „Нова“, составено од веќе познатите и меѓународно афирмирани македонски музички уметници, бас-баритонот Иван Наумовски и браќата Јован и Ѓорѓи Петрушевски на пијано, обоа и на англиски рог, на своето гостување во Србија ја освои публиката во Белград и во Нови Сад.
Во рамките на „Медитеранска ноќ“, тие ги одушевија присутните со внимателно избраната програма од италијански, француски, шпански и од австриски композитори, а особено со сплетот обработки од најпрепознатливите македонски народни песни.
Особено воодушевување меѓу присутната публика предизвикаа обработките на познатите традиционални македонски песни „Не си го продавај, Кољо, чифликот“, „Море сокол пие“, „Јовано, Јованке“, „Кажи, кажи, либе Стано“ и „Македонско девојче“.


Како што посочува Васко Шутаров, директор на македонскиот Културно-информативен центар во Белград, кој е и организатор на настапите со поддршка на македонското Министерство за култура и туризам, тие на најпрофесионално и најрепрезентативно ниво ја претставиле македонската музичка култура во Србија.
– Гостувањето на триото „Нова“ во Белград и во Нови Сад уште еднаш ни покажа колку е значајно кога внимателно ќе се одберат и времето, и просторот, и партнерите за соработка и во деновите на летните месеци, кога обично се полупразни градовите, да се наполнат салите, да се стекне нова публика, да се зборува за македонската култура на начин што вистински го посакуваме и го заслужуваме – посочува Шутаров.
Тој ја истакна и посебната благодарност кон белградската и новосадската публика, културните центри во Белград и во Нови Сад и Националниот совет на Македонците во Србија, како и кон стручната музичка јавност, која во значаен дел, преку видни српски музички уметници, беше присутна на концертите и во Белград и во Нови Сад,.
Инаку, преполната сала во Културниот центар Белград, во која се бараше столче повеќе, беше првата импресија на првиот од двата концерти. Бројни познати музички уметници од белградската оперска сцена, бројни дипломати, меѓу кои и државниот секретар во Министерството за надворешни работи на Р Србија, г-ѓа Невена Јовановиќ, како и бројни претставници од македонската заедница во Белград, заеднички споделија едно исклучително професионално и атрактивно музичко патување.
Вчеравечер, триото „Нова“ гостуваше во Културниот центар Нови Сад, а пред новосадската публика ги претстави директорот на КИЦ Белград, Васко Шутаров.
– Ова е прва институционална соработка меѓу КИЦ Белград и Културниот центар Нови Сад, остварена во потесна соработка со Националниот совет на Македонците во Србија и Македонците во Војводина – посочи Шутаров. (Д.Т.)












