„На осумдесет години, Неделковски ни подава нови книги. Додека се навраќаме ние на прочитаното, тој ни дава уште нешто за читање. Делото што го славиме сè уште расте“, порача Мојсова-Чепишевска на вчерашната промоција на јубилејната едиција за деца. Таа, исто така, додаде: „Генерациите што пораснаа со неговите дела веќе им подаваат книги на своите деца и внуци… Со овие книги се расте и во македонскиот јазик“
„Обично се вели дека писателот ќе пишува додека е жив – јас ќе се чувствувам жив додека пишувам“, рече македонскиот писател Велко Неделковски на вчерашната промоција на јубилејната едиција за деца, објавена по повод 80 години од неговото раѓање и 60 години творештво.
„Пишувам од најраните детски години. Во една моја скромна детска тетратка ги напишав првите песни, бидејќи обично се почнува со поезија, нели, а потоа продолжив со проза. Уште како гимназијалец редовно објавував раскази во детските списанија ‘Развигор’, ‘Другарче’ и ‘Наш свет’. Инаку, првата книга ја издадов релативно доцна, на 32-годишна возраст, во 1978 година. Тоа е збирката раскази ‘Леб за тате“, која и критичарите и читателската публика ја оценија како антологиска. Децата што сега ќе ги направат првите чекори во пишувањето и творештвото, ќе се обидуваат во поезијата, некои во прозата, во расказот или во сказната, па ќе видат каде се најуспешни“, рече Неделковски, поттикнувајќи ги младите да зачекорат во писателските води.
Неговата порака е јасна: децата се прва лига.
Велко Неделковски има работено и во Македонската радио-телевизија, како драматург и сценарист.
„Детето е секогаш живо во мене. Сум го проучувал детскиот свет, сум навлегувал во тајните на детските дилеми, мечти и желби. Професионално, како вработен во Македонската радио-телевизија, целиот работен век го поминав во Редакцијата за деца и млади. Добри десет-дванаесет години, заедно со телевизиската екипа, снимав репортажи низ целата наша убава Македонија. Разговарав со децата, ги снимав и слушав што ги интересира, кои се нивните желби и интересирања. Тој свет постојано е жив и отворен, а тоа ми беше и поттик за секое ново дело“, додаде Неделковски.
За творештвото на Неделковски зборуваше проф. д-р Весна Мојсова-Чепишевска, која го нарече авторот современик на детството, но и класик на македонската книжевност за деца. Таа истакна дека со неговите книги растеле генерации читатели, но и дека преку неговите дела се расте и во македонскиот јазик.
„Генерациите што пораснаа со неговите дела веќе им подаваат книги на своите деца и внуци. А тој продолжува да му се обраќа на детето што првпат ќе го прочита. Да се одржи таков разговор низ децениите е големо писателско остварување… Неговите ликови имаат простор да се двоумат, да грешат и да ги откриваат своите чувства. Токму затоа читателот може да се препознае во нив… Со овие книги се расте и во македонскиот јазик“, истакна проф. д-р Мојсова-Чепишевска.
Неделковски е еден од најзначајните македонски писатели за деца и млади, чие творештво повеќе од шест децении е присутно во македонската книжевност и во детските библиотеки. Автор е на бројни книги за деца, меѓу кои збирките раскази „Како расте Пенчо“, „Срценца од ведро-а“ и „Деници“; сказните „Пролетни авантури“, „Шоу под ведро небо“, „Чуденки со Тимитар Итар“, „Смеантури во Намќорец“, „Бибисек од Крампонија“ и „Корнет Лизи во Шаренџам“, како и романите „Симчо“, „Втората смена“ и „Шармери од осмо“. Автор е и на стихозбирката „Шармантни песни“ и на поемата „Царче-Жарче“, како и на шеесетина радиодрами за најмладите слушатели на Македонското радио. Има напишано и триесет играни телевизиски серии за деца, како и сценарија за три краткометражни филма.
Со телевизиските серии „Саки од Саканија“, „Светот има осум страни“ и „Царството на другарството“, Неделковски стана дел од секојдневието на генерации деца. Самите наслови и денес потсетуваат на нетрпеливото очекување на следното продолжение.
„Во книгата, во гласот од радиото, во репликата од телевизиската серија, детето го слуша својот свет. Открива дека може на тој јазик да се пошегува, да ја именува тагата, да му го довери некому она што тешко го изговара. Од тие средби се создава чувството дека јазикот ни припаѓа и дека имаме што да кажеме со него“, посочи Мојсова-Чепишевска, додавајќи дека „книгата за деца може да го надживее детството на својот читател“.
Во издание на „Арс ламина“ се објавени 16 наслови во 12 книги. Јубилејната едиција опфаќа шест самостојни изданија: „Збунети години“, „Шармери од осмо“, „Симчо“, „Бибисек Втори“, „Корнет Лизи во Шаренџам“ и „Првото жарче ЉУБ“, како и шест книги во оригиналниот концепт на „Прегрнати книги“. Во нив се вклучени: „Песноград“ и „Сказнобус“; „Стихотека“ и „Светот има осум страни“; „Децата се прва лига“ и „Кога цутат имињата“; „Стихијада Ха-Два-О“ и „Верочка и Вовчек“; „Во царството Виножит“ и „Детето со име Димец“; „Адреса на срцето“ и „Хокус покус приказникус“. Дел од изданијата веќе биле објавени, а во едицијата се вклучени и најнови наслови.
„На осумдесет години, Неделковски ни подава нови книги. Додека се навраќаме ние на прочитаното, тој ни дава уште нешто за читање. Делото што го славиме сè уште расте“, порача Мојсова-Чепишевска.
Покрај творештвото за деца и млади, Неделковски пишува и за возрасни. Во издание на „Арс ламина“ се објавени и неговите романи „И не биди млад мајмун“, „Песја прељуба“ и „Токсични луѓе“, како и неговата прва поетска збирка за возрасни, „Тишината на зборот“.
За своето творештво има добиено повеќе признанија, меѓу кои наградата на РТВ Скопје за најдобра книга за деца, наградата за најдобра детска книга на „Струшките вечери на поезијата“ во 1986 година, наградата „Феникс“ на Град Скопје за постигнувања во книжевноста и наградата за животно дело на Македонската радио-телевизија. (Д. Т.)












