петок, октомври 2, 2026
Дома МАКЕДОНИЈА ЈОВАНОВ БАРА ИЗЛЕЗ ОД КУЌЕН ПРИТВОР СО ШУПИ, ПЛЕВНА И НЕЛЕГАЛНИ ОБЈЕКТИ...

ЈОВАНОВ БАРА ИЗЛЕЗ ОД КУЌЕН ПРИТВОР СО ШУПИ, ПЛЕВНА И НЕЛЕГАЛНИ ОБЈЕКТИ КАКО ГАРАНЦИЈА

0

За слобода нуди имот проценет на 195.820 евра, но Обвинителството се спротивстави – дел од имотот веќе е предмет на извршување, а помошните и бесправните објекти тешко би можеле да се впаричат

Првообвинетиот во случајот за катастрофалниот пожар во нелегалната дискотека „Пулс“ во Кочани, Дејан Јованов, бара да излезе од куќен притвор со гаранција од 195.820 евра, но обвинителскиот тим што го застапува предметот се спротивстави на неговиот предлог. Јованов како гаранција понудил недвижен имот, меѓу кој и помошни простории, шупи, плевна и објекти кои претходно биле бесправно изградени.

Обвинителството денеска доставило негативно мислење до судот и побарало предлогот за определување гаранција да биде одбиен како неоснован. Според нив, особено треба да се има предвид дека самиот Јованов дал согласност понудениот имот да биде ставен како гаранција, иако бил свесен дека дел од недвижностите веќе се предмет на извршување.

Поради тоа, според обвинителството, таквиот имот не може да биде ставен под хипотека, а уште помалку да биде впаричен доколку се појави потреба за наплата на гаранцијата.

„Обвинителскиот тим кој постапува во предметот со пожарот во дискотеката ‘Пулс’ во Кочани денеска достави негативно мислење и барање да се одбие предлогот за определување на гаранција, поднесен од обвинетиот Дејан Јованов од Кочани како неоснован“, соопшти Обвинителството.

Со предлогот Јованов бара гаранцијата да биде определена во вкупен износ од 195.820 евра, односно 12.042.932 денари, преку ставање хипотека на недвижен имот.

Но, според обвинителството, проблем претставува и природата на дел од понудениот имот. Во голем дел станува збор за помошни простории, објекти, шупи и плевна, а дел од нив претходно биле бесправни објекти. Оттаму оценката на обвинителите е дека при евентуална потреба тие исклучително тешко би можеле да се продадат, а во секој случај не во вредноста на која се проценети.

Одлуката за гаранцијата доаѓа во момент кога на Јованов му истекува мерката притвор во предметот за пожарот. Според досегашната одлука, тој треба да излезе од притвор на 3 октомври.

Во меѓувреме, денеска судија на претходна постапка треба да одлучи и за неговото лишување од слобода во друг предмет. Станува збор за новата истрага што ја отвори Основното јавно обвинителство за гонење организиран криминал и корупција, во која Јованов е осомничен за давање поткуп на Џевад Камбери од Министерството за економија.

Според истрагата, поткупот се однесува на добивање лиценци за дискотеката „Пулс“, објектот кој подоцна беше зафатен од катастрофалниот пожар.

Пожарот во „Пулс“ избувна на 16 март 2025 година, при настап во дискотеката. Во трагедијата загинаа 63 лица, меѓу кои голем број млади, а повеќе од 200 лица беа повредени.

За пожарот се води обемен кривичен предмет во кој се обвинети вкупно 34 лица, со Јованов како првообвинет. Новата истрага за поткупот отвора посебен аспект на случајот – начинот на кој објектот добивал дозволи и лиценци и улогата на лица од институциите во тој процес.

ИЗДВОЕНИ