Македонскиот филм „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов е добитник на наградата за најдобар дебитантски филм, додека Сара Климовска освои награда за најдобра женска улога на Фестивалот на Југоисточна Европа 2025. Награда за најдобар актер доби и Африм Мучај од македонскиот филм „Сите го викаат Реџо“– Ибрахи Деари, соопштија организаторите.
Филмскиот фестивал на Југоисточна Европа, (SEE FF 2025), годинава го имаше своето 15. издание во Париз, 10. во Берлин, а 5. во главниот град на САД, Вашингтон.
– Американското жири во состав на Партисија Корбет, претседател, Џеклин Хедингтон и Роман Костовски, наградата за најдобар игран филм му ја додели на филмот „Мастергејм“ од Унгарија, кој исто така ги понесе наградите за најдобра режија и најдобро сценарио – Барнабас Тот, какo и најдобар актер, Кароли Хајдук.
За најдобра актерка беше прогласена Јелена Џокиќ од хрватскиот филм „На сè има крај“, за најдобар документарен филм беше прогласен црногорскиот „Оваа добра земја“ од Владимир Перовиќ, додека, пак, наградата за најдобар анимиран филм му е доделена на „Кој“ – Мелве Јилдиран, Турција и на „Соба“– Нела Глухак, Хрватска, За најдобар краток филм е прогласен бугарскиот „13 август“ од Венцислав Сариев.
– Европското жири на фестивалот за Париз и Берлин, во состанав на Фроса Пејоска-Бушро, претседател, Фредерик Фапани фон Лотринген, Ив Русле, Мадалина Вартенжану-Жобер и Игор Станковиќ, наградата за најдобар филм исто така му ја додели на унгарскиот „Мастергејм“, кој истовремено доби и награда за најдобра режија. Наградата за најдобар актер ја доби Африм Мучај од македонскиот филм „Сите го викаат Реџо“– Ибрахи Деари, а за најдобра актерка – Шенгин Исмајили од косовскиот филм „Окарина“ и Сара Климоска од македонскиот филм „Лена и Владимир“ во режија на Игор Алексов, кој исто така ја понесе и наградата за најдобар дебитантски филм. За најдобар анимиран филм беше прогласен бугарскиот „Градинарот на пиреј“– Асија Кованова, а најдобар краток филм „13 август“, додаваат организаторите.
Наградата за најдобар документарен филм му припадна на српскиот филм „Сонувачки“ од Владимир Петровиќ и босанско-хрватската копродукција „Гранпа Гуру“ од Силвио Мирошниченко, а наградата за најдобро сценарио ја доби филмот „На сè има крај“, Хрватска, Србија.
– Специјалното жири на „Академија Балканика Еуропеана“, под претседателство на Жан-Патрик Конрад ги додели следите награди: најдобар филм – „На сè има крај“ – Рајко Грлиќ, Хрватска, најдобра режија – Владимир Мича Поповиќ за „Прва класа, полн гас!“, Србија, најдобар документарен филм – „Последниот ју-филмски романтик“, сценарио и режија Радослав Т. Станишиќ, Црна Гора и наградата за животно дело за документарен опус – Драган Елчиќ, Србија. Традиционалната награда „SEE actress 2025“ ја доби Аница Добра од Србија, а „SEE actor 2025“– Руси Чанев од Бугарија, додека, пак, „Frédéric Rossif 2025“ му припадна на славниот француски документарист, Антоан Виткин, се додава во соопштението.
Фестивалот традиционално се организира во соработка на универзитетите Еуропа Прима од Скопје, ИНАЛКО и Пантеон Асас од Париз, Хумболд од Берлин, Американ Јуниверсити од Вашингтон, како и издавачката куќа „Пламен прес“, исто така од Вашингтон.