сабота, јуни 20, 2026
Дома КУЛТУРА Македонскиот јазик е жив израз на нашето постоење, историја и духовност, ...

Македонскиот јазик е жив израз на нашето постоење, историја и духовност, да го негуваме за да го зачуваме!

447

– Македонскиот јазик е чувар на нашата колективна меморија, историјата и идентитетот, основна карактеристика што нè разликува од другите, вечен паметник на нашето постоење и битисување и наша лингвистичка гордост – рече во своето обраќање потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, на одбележувањето на Денот на македонскиот јазик, 5 Мај. Опасноста што му се заканува на нашиот народ од страна на пропагандите, според неа, не само што нè обврзува туку и ни дава полно право да ги употребиме сите средства за да ги зачуваме нашиот народен јазик и нашите интереси

Денот на македонскиот јазик, 5 Мај, во нашата земја се одбележа со настани во повеќе институции, како и со честитки и пораки од државниот врв и од меѓународната заедница, кои го истакнаа неговото значење, но и потребата од негување, зачувување и унапредување за нас, но и за идните генерации.

Во својата честитка премиерот Христијан Мицкоски посочи дека овој значаен ден го одбележуваме со длабока почит и искрена гордост, бидејќи македонскиот јазик е темелот врз кој се издигнува нашата духовна и национална самобитност.

– Петти мај е потсетник дека преку јазикот ја чуваме душата на народот. Македонскиот јазик не е само средство за комуникација туку и жив сведок на вековната историја, чувар на колективната меморија и најсилен израз на нашата културна и национална посебност. Во неговите зборови се вткаени борбите, надежите и стремежите на генерации што го граделе и зачувале нашето постоење – посочува премиерот.

Премиерот додава дека нашата должност денес е јасна и возвишена: да го негуваме, унапредуваме и достоинствено претставуваме македонскиот јазик, како дома така и на меѓународната сцена.

– Во време на предизвици, потребни се мудрост, единство и непоколеблива верба во вредностите што нè дефинираат. Како општество и како држава, остануваме цврсто определени да го заштитиме и афирмираме македонскиот јазик како неотуѓиво културно и историско наследство. Тој е наша заедничка обврска, но и наша заедничка иднина – посочува Мицкоски.

По повод 5 Мај, честитка упати и министерот за култура и туризам, Зоран Љутков, истакнувајќи ја непроценливата вредност на македонскиот јазик како темел на националниот идентитет и културното наследство. Министерот нагласи дека македонскиот јазик е жив израз на нашите постоење, историја и духовност, кој се пренесува низ генерациите и ги отсликува силата и истрајноста на народот. Тој потсети и дека на овој ден во 1945 година е кодифициран современиот македонски литературен јазик, со што се поставени темелите на неговиот развој и афирмација. Но повика на заедничка грижа, негување и унапредување на македонскиот јазик, како наша трајна вредност и препознатливост во светот.

Како што порача, пак, министерката за образование и наука, Весна Јаневска, македонскиот јазик претставува едно од најголемите национални богатства и темел на македонскиот идентитет.

– Чувањето на јазичното наследство е долг на сите нас, тоа не е само институционална обврска туку и лична одговорност – истакна Јаневска.

Според неа, Министерството за образование и наука обезбедува институционална грижа за македонскиот јазик преку наставните програми, учебниците, научните истражувања и културните политики, како и преку стипендиите за студиите по македонски јазик и книжевност.

Петти мај започна да се одбележува на Институтот за македонски јазик „Крсте Мисирков“. Во обраќањето, директорката на ИМЈ, Елена Јованова-Грујовска, истакна дека оваа година Институтот одбележува 100 години од смртта на Крсте Мисирков, нашиот патрон, најзначаен Македонец на 20 век и прв кодификатор на македонскиот јазик.

– Потоа одбележува 105 години од раѓањето на единствениот Блаже Конески, конечниот кодификатор на македонскиот јазик, 85 години од погибијата на Коле Неделковски, 20 години од смртта на големиот Петре М. Андреевски. Годинава, Македонија, пак, одбележува 65 години „Струшки вечери на поезијата“, 80 години Филолошки факултет, но и 50 години од основањето на рок-групата „Леб и сол“ и така натаму. За сите нив заеднички се негувањето, чувањето и издигнувањето на македонскиот јазик. Сите книги, песни, стихови се напишани на кирилица. Кирилицата е единствена македонска азбука. Таа е нашето писмо што нè дефинира пред светот како единствени и посебни – посочи Јованова-Грујовска.

Со одбележување на јубилејот 80 години од излегувањето од печат на првата граматика на македонски јазик, „Македонска граматика“ од Круме Кепески, Денот на македонскиот јазик го одбележа и собраниската Комисија за култура и туризам.

– Македонскиот јазик е чувар на нашата колективна меморија, историјата и идентитетот, основна карактеристика што нè разликува од другите, вечен паметник на нашето постоење и битисување и наша лингвистичка гордост. Македонскиот јазик е кодот на нашата културна особеност и нашиот уникатен светоглед во секој поглед. Тоа е јазикот на кој мислиме, чествуваме, сонуваме, комуницираме, пееме, тажиме, се смееме и се радуваме. Јазикот на кој љубиме и твориме, со кој се раѓаме и умираме – рече во своето обраќање потпретседателката на Собранието, Весна Бендевска, подвлекувајќи дека македонскиот јазик е столбот на нашиот идентитет, дом, татковина, завет и аманет за следните генерации.

Опасноста што му се заканува на нашиот народ од страна на пропагандите, според неа, не само што нè обврзува туку и ни дава полно право да ги употребиме сите средства за да ги зачуваме нашиот народен јазик и нашите интереси.

Универзитетската професорка Јованка Кепеска, ќерка на авторот на Граматиката Круме Кепески, истакна, пак, дека Граматиката од Круме Кепески има национално значење, бидејќи ја извршила задачата на вековниот стремеж на македонскиот народ да создаде граматика.

Како што посочи Кепеска, авторот Круме Кепески ја означил „Македонската граматика“ како прифаќање на една објективна состојба која постоела во македонскиот јазик кај македонскиот народ и која покажала, во сите основни граматички делови – и во фонетиката, и во морфологијата, и во синтаксата, дека се разликува тој од бугарскиот и од српско-хрватскиот јазик. Како што додаде таа, Граматиката била сублимат на карактеристиките за македонскиот јазик и основа да се осознава македонскиот јазик.

И британскиот амбасадор Метју Лосон го честиташе Денот на македонскиот јазик.

– Веќе сум четврта година од мојот мандат како британски амбасадор и покрај дипломатските обврски што ги имам, секојдневно уживам користејќи го македонскиот јазик како алатка за комуникација со Владата, институциите, медиумите, невладиниот сектор и со пријателите што ги стекнав во оваа прекрасна земја – вели Лосон во видеообраќањето на македонски јазик на својот фејсбук-профил. Истакна дека богатството од познавањето на македонскиот јазик ќе му остане засекогаш.

– Богатството од познавањето на македонскиот јазик ќе ми остане засекогаш – ќе го носам со себе, читајќи ги преводите на Вилијам Шекспир од Драги Михајловски, слушајќи македонски песни и користејќи го јазикот во секоја пригода – рече амбасадорот.

Катедрата за македонски јазик при Филолошкиот факултет на УКИМ, пак, го одбележа 5 Мај со трибина на тема „Состојбите во современиот македонски јазик – македонскиот јазик во правните акти“.

Да потсетиме, на 5 мај 1945 година, со решение на Народната влада на Федерална Македонија била усвоена азбуката на македонскиот јазик, а по два месеци, Министерството за просвета го озаконило првиот правопис на македонскиот јазик. На 130. седница на Владата на Република Македонија, пак, беше донесена одлука 5 мај да биде прогласен за Ден на македонскиот јазик, во чест токму на ова решение. (Н.И.Т.)

ИЗДВОЕНИ