Гувернерот на Народната банка Трајко Славески се сретна со македонскиот национален тим кој учествуваше на 9. Меѓународна економска олимпијада во Шенжен, Кина. Македонските средношколци постигнаа значаен успех, освојувајќи бронзен медал во конкуренција од 260 натпреварувачи од 56 земји. На средбата, Славески истакна дека финансиската едукација на младите е една од важните инвестиции во иднината на земјата.

– Народната банка е посветена на финансиска едукација и инклузија на младите, зашто вложувањето во нивните знаења и вештини е инвестиција во развојот на државата – порача гувернерот.

Тој им честиташе на сите членови на националниот тим и посочи дека нивното учество на меѓународниот натпревар е доказ за квалитетот на знаењето и потенцијалот на македонските ученици.

Особено беше истакнат успехот на Теа Ангелова, ученичка во втора година во Меѓународното училиште „НОВА“ во Скопје, која освои бронзен медал. Ангелова го освои и второто место на „IEOx Youth Talks“, во рамките на Меѓународната економска олимпијада.

– Добро информираните и финансиски писмени млади се важен предуслов за стабилна и просперитетна економија. Средношколците кои денес со своите знаења ја претставуваат нашата земја на меѓународната сцена, утре ќе бидат носители на иновации, претприемаштво и економски развој – истакна Славески.

Во состав на македонскиот тим беа и Ванеса Томова од ПСУ „Јахја Кемал“ во Скопје, Оливера Џамбазова од СУГС „Орце Николов“, Стефан Младеновски од СОУ „Јосиф Јосифовски“ од Гевгелија и Георги Јаковлев од ПСУ „Јахја Кемал“ во Струга. Учениците на Олимпијадата се натпреваруваа во решавање сложени економски проблеми, ја покажаа својата финансиска писменост и презентираа бизнис-планови.

На средбата со гувернерот тие ги споделија своите искуства од натпреварот и се заблагодарија за поддршката од Народната банка. Институцијата беше вклучена во подготовките преку предавања и активности со кои учениците ги надградија своите знаења од областа на економијата, финансиите и банкарството. За подготовката на тимот беа ангажирани проф. д-р Анета Гацовска Барандовска и ас. м-р Стево Ѓоргиев од Институтот за математика при Природно-математичкиот факултет во Скопје.

Народната банка, во соработка со Сојузот на математичари, четврта година по ред учествува во подготовките на македонските средношколци за Меѓународната економска олимпијада. Од Народната банка посочуваат дека ваквите активности имаат цел да ги поттикнат младите да стекнуваат дополнителни знаења од економијата и финансиите и да го развиваат својот потенцијал.

 

ИЗДВОЕНИ