Со доделувањето на наградите „Камера 300“ и со македонска премиера на дебитантското остварување на режисерот Срѓан Јаниќијевиќ „Нема да ви се верува што се случи претходно“ вечерва (25 септември) свечено ќе биде затворено 47. Интернационалниот фестивал на филмската камера „Браќа Манаки“ во Битола.
„Нема да ви се верува што се случи претходно“ е политички трилер со елементи на црна комедија, во чиј фокус се борбата за вистината, слободата на новинарството и обидот да се зачуваат личниот и професионалниот интегритет во општество во кое политиката, криминалот и медиумите се длабоко испреплетени. Сместен во корумпиран режим каде што се појавува компромитирачко видео за автократ, филмот следи двајца новинари во движење – бркани од сенките и од времето. Приказната се одвива без ред, при што времето се искривува повеќе од притисок отколку од стил -каде што вистината е морално двосмислена, а правдата е главно прашање на тајминг. Во свет, во кој, секој има тајни за криење, поседувањето на туѓата тајна претставува нова валута, со која, може да се тргува и обезбеди нечија пропаст. Меѓутоа, во играта со оган, ретко кој останува неизгорен.
Идејата за филмот е на режисерот Јаниќијевиќ, а сценариото го потпишуваат Сашо Кокаланов и Дејан Дуковски. Главните улоги ги толкуваат Никола Ристановски и Дарја Ризова, а во актерската екипа се и Сашко Коцев, Сара Сандева и Оливер Митковски.
Директор на фотографија е Дејан Димески, монтажер е Mартин Иванов, композитор и автор на музиката е Игор Василев Новоградска, дизајнер на продукција Иван Бартлинг, костимограф Лидија Георгиева, дизајнер на филмска шминка Снежана Ангеловска Живковска, а дизајнер на звук е Дарко Спасовски.
Филмот е финансиран од Агенцијата за филм. Извршен продуцент е Сашо Пешев, а реализиран е во продукција на „Ново македонско видео“ и „Њу момент“.












