Младинскиот филмски фестивал „Џифони Македонија“ ве става вас младите луѓе во фокусот како протагонисти на овој фестивал. Вие овде сте и публика, но и жирито на фестивалот и ќе работите на филмови, ќе се инспирирате од нив, ќе креирате на работилници, рече заменик-амбасадорот на Италија во земјава, Морено Зела, синоќа на отворањето на 14. „Џифони Македонија“, во полната сала на киното „Фросина“ во Младинскиот културен центар во Скопје.
Фестивалот се отвори со филмот „Лагат-невоможен сон“, кој целосно одговара на мотото годинешното издание „Невозможните нешта“.
За околу 400 џифонци од шест земји денеска, пак, почнува работниот дел со проекции на филмови, работилници, дискусии. Јуниорите (од шесто до деветто одделение) традиционално се во Кинотеката на Македонија, додека во МКЦ ќе се реализира програмата за Кадетите и Сениорите, односно за средношколците. Во киното „Фросина“ средношколците денес во 12 часот ќе го гледаат „Скејтбордингот не е за девојчиња“ и веднаш после тоа ќе се сретнат со режисерката Дина Дума. Тоа е вториот долгометражен филм на младата режисерка, чија македонска премиера се случи минатата недела на отворањето на ИФФК „Браќа Манаки“ во Битола. Со овој филм ќе биде отворена натпреварувачката програма на фестивалот. Од 15 до 17 часот ќе следува програмата Creative You(the) Talks за два филма – In Another Life со режисерката Јована Здравковска и Warmis Sobre Ruedes на режисерката Оливера Каменаровска. Исто така џифонци ќе можат да се запознаат и со Кирил Цеков и Филип Димитриевски, авторите на филмот Bitter Sweet. Од 18 часот ќе следува интернационалната вечер, кога учесниците од сите земји си ја претставуваат својата култура преку храна, музика и др.
На фестивалот учествуваат млади од земјава, како и 30-ина џифонци од Италија, Данска, Романија, Србија и Косово.












