Инспекциските служби на Агенцијата за храна и ветеринарство (АХВ) во текот на јули и август спровеле вонредни инспекциски контроли во објекти за производство на сладолед и мраз, како и во угостителски објекти кои самостојно произведуваат и ставаат во промет вакви производи.
Во рамки на контролите биле извршени вкупно 560 инспекциски надзори, при што биле издадени 140 решенија за утврдени неусогласености.
За констатираните прекршоци изречени биле 45 парични казни во вкупна вредност од 19.430 евра во денарска противвредност.
Како небезбедни, нештетно биле уништени вкупно 202 литри/килограми сладолед и мраз.
Инспекциските контроли покажале дека 17 оператори не биле регистрирани како оператори со храна во АХВ, додека кај 64 оператори било утврдено дека не извршиле задолжителни анализи на сладоледот и мразот.
Кај 20 оператори било утврдено несоодветно означување на производите, а тројца набавувале мраз од нерегистриран добавувач.
Контролите откриле и пропусти поврзани со вработените. Кај 10 оператори биле затекнати лица кои немале спроведени задолжителни здравствени прегледи.
Незадоволителни хигиенски и технички услови биле констатирани во пет објекти, додека 19 оператори немале воспоставено процедури за Добра производствена и Добра хигиенска пракса, како и процедури за чистење на ледоматите.
Дополнително, кај четири оператори немало записи за следливост, а кај еден оператор било утврдено дека не ги спровел задолжителните мерки за дезинфекција, дезинсекција и дератизација.
Од АХВ посочуваат дека контролите се спроведуваат со цел да се обезбеди безбедноста на храната и заштита на здравјето на потрошувачите.












