Во издвоеното мислење по одлуката дека операциите на докторите по работа не се противуставни, судијката Татјана Васиќ-Бозаџиева вели дека дополнителната дејност сама по себе не е спорна, но дека носи ризици што мора да бидат препознаени, регулирани и санкционирани. Како најсериозен, таа го издвојува конфликтот на интереси – ситуација во која пациентот има закажан преглед преку „Мој термин“, но наместо да биде прегледан во редовното работно време, би бил одложен или насочен на приватно, кај истиот доктор. Таквото постапување, според судијката, не смее да биде дозволено.
– Најсериозен е ризикот од конфликт на интереси: пациент има закажано преглед преку „Мој термин“, но наместо да биде прегледан во редовното работно време, е одложен или упатен кон платена услуга кај истиот доктор. Не смее да биде дозволено тоа. Исто така, не смее дополнителниот ангажман да биде на штета на редовните работни обврски на докторот – наведува Васиќ-Бозаџиева.
Според неа, суштината не е во тоа дали треба да се забрани дополнителната дејност поради можноста да биде злоупотребена, туку дали постојат доволно ефикасни механизми за да се спречи токму злоупотребата. Таа прави разлика меѓу самата дополнителна работа на лекарот и незаконското или спротивно на јавниот интерес постапување во рамките на таквиот ангажман.
– Ако ризикот е да биде пренасочен пациент од „Мој термин“ кон платена услуга, треба да се забрани и санкционира токму таквото постапување. Ако ризикот е неисполнување на редовните работни обврски, треба да постојат ефикасни механизми за контрола и санкционирање. Ако ризикот е конфликт на интереси, треба да постојат јасни правила за негово спречување и управување – пишува судијката.
Токму ова го отвора прашањето кој и како проверува дали навистина слободно избираат пациентите дали ќе чекаат во „Мој термин“ или ќе платат приватно операција за ден-два.
Васиќ-Бозаџиева предупредува и дека дополнителниот ангажман не смее да оди на штета на јавната здравствена служба. Но, во исто време, таа укажува дека кај дефицитарниот специјалистички кадар дополнителната дејност може да има и јавен интерес, особено кога е лекарот дополнително ангажиран во друга јавна здравствена установа.
– Кога станува збор за дефицитарен специјалистички кадар, дополнителната дејност не е само интерес на докторот. Таа може да биде во интерес и на пациентите и на јавниот здравствен систем, особено кога се врши дополнителниот ангажман во друга јавна здравствена установа. Тогаш истиот специјалистички капацитет не се губи од јавниот систем, туку се користи таму каде што е потребен во моментот – наведува таа.
Така, иако Уставниот суд оцени дека законската можност за дополнителна дејност не е противуставна, издвоеното мислење ја враќа топката кај здравствениот систем – да покаже дека постојат ефикасни правила со кои може лекарот да работи дополнително, но пациентот да не биде ставен пред избор „чекај или плати“. Прашањето станува уште позначајно кога со години се зборува во јавноста за листи на чекање, недостиг од термини и за пријави за пациенти што наводно биле насочувани кон платени услуги.
Во Министерството за здравство, пак, најавуваат дека треба да бидат подобрени токму контролата и транспарентноста со измени на Законот за здравствена заштита и примена на модели однадвор.
Министерот Сашо Клековски ја поздравува одлуката на Уставниот суд, оценувајќи дека иницијативата била селективна, затоа што го оспорувала вршењето дополнителна дејност во јавните здравствени установи, но не и работењето во приватните клиники. Министерот најави промени со кои треба да има јасен увид во дополнителната дејност на лекарите – кој специјалист каде работи и колкав е неговиот ангажман во редовното работно време, а колкав по неговото завршување, на приватно.
– Мислам дека треба да пристапиме принципиелно кон дополнителната работа. Особено морам да нагласам, работата во други јавни здравствени установи сега е модел со кој го одржуваме функционирањето на неколку болници. Значи, анестезиолози од Скопје работат дополнително во Куманово, во Кавадарци, гинеколози од Скопје работат во Кавадарци, така што мислам, од моја страна, оваа одлука е за поздравување. Тоа што, секако, го примивме како задача, дека во моментот не се почитуваат законските одредби што се предвидени, а во многу сегменти се нејасни во однос на спроведувањето. Ниту е јасно во кои дејности може да се одвива, ниту кои се потребните услови, и повеќе работи. И ќе работиме со следната измена на Законот за здравствена заштита да имаме едно сеопфатно, транспарентно решение. Велам со следната измена на Законот за здравствена заштита, бидејќи во оваа измена што треба да биде многу брзо, работиме на измени во концептот на вработување со цел понатаму да се зајакне мерит-системот на вработување и да се елиминираат можностите за фаворизирање од кои било причини – изјави министерот за здравство. (П. А.)












